Епидемиологот д-р Драган Даниловски во објава на Фејсбук, сподели продолжение на својата анализа за епидемијата во Гостивар, откако Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против три раководни лица во ЈП „Комуналец“ – Гостивар. По објавата од Обвинителството, Даниловски посочува дека сега, освен што располагаме со временска и просторна поврзаност меѓу заболувањата и водоснабдувањето, го имаме и можниот санитарно-технички механизам на контаминацијата: пренесување површинска вода од отворен канал во затворениот систем за вода за пиење.

„Јавноста разбирливо очекува да се утврди кој е одговорен. Но, ако целиот случај се сведе само на три лица, постои опасност да се пропушти пошироката институционална лекција. Дури и ако судската постапка утврди индивидуална одговорност, ќе останат прашањата:

Како било можно површинска вода од отворен канал да биде внесена во систем за вода за пиење? Дали постоела пишана процедура за тестирање на притисокот? Кој требало да ја одобри интервенцијата? Дали била направена процена на ризикот? Дали клучните објекти биле физички и технички обезбедени? Дали се водела евиденција за извршените интервенции? Кој ја контролирал микробиолошката безбедност по интервенцијата? Колку брзо здравствените сигнали стигнале до надлежните институции? Индивидуалната одговорност е прашање за обвинителството и судот. Институционалната одговорност е прашање за целиот систем“, посочува Даниловски.

Според него, вистинскиот тест за системот ќе биде дали по овој настан водата за пиење ќе стане побезбедна, контролата посигурна, а институционалното постапување побрзо, поодговорно и потранспарентно.

Епидемиологот прави јасна разлика меѓу епидемиолошката и кривичната постапка. Додека епидемиологијата го утврдува синџирот на настаните и начинот на ширење на заразата, тој посочи дека правната постапка треба да утврди дали постои кривична одговорност и кој евентуално ја сноси.

Основното јавно обвинителство Гостивар синоќа донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење.

Осомничените соизвршители, во својство В.Д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, технички раководител на Сектор за технички работи и раководител на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие, со штетна материја ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.

Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата.