Дали случајот „Алта банка“ отвора пукнатини во институционалното единство околу една од најчувствителните финансиски одлуки во државата? Додека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, претходно тврдеше дека за влезот на српската банка биле консултирани и претставници на Владата, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска излезе со изјава која отвора сосема нови прашања.
Министерката категорично негира дека Министерството за финансии било консултирано од Славески за влезот на „Алта банка“ на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола. Како што објави ТВ Телма, Димитриеска-Кочоска тврди дека Министерството немало никаква комуникација со гувернерот за ова прашање, ниту било запознаено со преговорите за влез на банката. И токму тука започнува политичката дилема. Ако Славески навистина ја консултирал Владата, како што претходно изјави во емисијата „Топ тема“, кого точно консултирал? Кои претставници на извршната власт биле запознаени со постапката? И како е можно Министерството за финансии да тврди дека немало комуникација со гувернерот? Или, пак, со ваквата изјава министерката практично повлекува јасна линија меѓу политичката и регулаторната одговорност? Формално, Народната банка е независна институција и одлучува во рамките на своите законски надлежности. Но независноста не значи отсуство на одговорност, особено кога граѓаните веќе ги чувствуваат последиците од финансиските случувања. Додека институциите објаснуваат кој бил консултиран и кој не бил, клиентите на „Алта банка“ се соочуваат со ограничувања за располагање со сопствените средства. Гувернерот Славески во гостувањето на „Топ тема“ на ТВ Телма го образложи неделното ограничување на повлекувањето готовина од 10.000 денари и побара трпение од граѓаните поради вонредната состојба во банката. Токму затоа прашањето не е само кој дал согласност за влезот на банката, туку и кој ја презема одговорноста за последиците. Особено е интересно што министерката ја потенцира стабилноста на банкарскиот систем и ги уверува штедачите дека нема причина за паника, но истовремено јасно се дистанцира од евентуалните консултации со гувернерот за спорното преземање, како што пренесе и „360 степени“.
Дали ова е само институционално разјаснување или почеток на политичко дистанцирање од Трајко Славески?
Но случајот доби дополнителна димензија откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, објави документ за кој тврди дека е записник од владината седница од 23 септември 2025 година.
Според Филипче, на предлог на Димитриеска-Кочоска биле донесени заклучоци поврзани со понудата на „Алта банка“ за преземање акции од 16 јавни институции.
Филипче ја обвини министерката дека не ја кажува вистината и побара нејзина оставка, како и истрага од надлежните органи, објави „Бриф“.
Сепак, постои суштинска разлика меѓу учество во владина постапка поврзана со акциите и директна консултација со гувернерот при давањето согласност за банкарското преземање. Токму таа разлика институциите мора јавно да ја разјаснат.
Доколку Владата била консултирана, јавноста заслужува да знае кој разговарал со гувернерот, кога се воделе разговорите и какви ставови биле изнесени.
И уште поважно, дали премиерот Христијан Мицкоски бил информиран за тие консултации?
Зашто во моментот кога министерката за финансии јавно тврди дека не била консултирана, а гувернерот претходно зборувал за комуникација со Владата, прашањето за институционалната одговорност станува неизбежно.
На крајот, граѓаните не ги интересира кој прв ќе се огради од случајот. Ги интересира кој ќе им гарантира дека ќе можат слободно да располагаат со сопствените пари.
Ако институциите не можат да се усогласат околу тоа кој бил информиран, како граѓаните да бидат уверени дека сите одлуки биле донесени со целосна проценка на ризиците?
И дали денешното дистанцирање на министерката е само почеток на многу поголемо прашање:
ЌЕ ОСТАНЕ ЛИ ТРАЈКО СЛАВЕСКИ САМ ДА ЈА БРАНИ ОДЛУКАТА ЗА „АЛТА БАНКА“?The post ДАЛИ СЛАВЕСКИ СЕ ОБИДЕ ДА ЈА ВОВЛЕЧЕ ВЛАДАТА ВО СОПСТВЕНАТА ОДГОВОРНОСТ ЗА „АЛТА БАНКА“? appeared first on Politika.