
„Македонија и САД, сојузништво засновано на доверба, поддршка и пријателство“, објави пред еден месец премиерот Христијан Мицкоски по последната посета на Америка. Сепак, во меѓувреме дојде до пресврт во мнозинството во двата дома на американскиот Конгрес, а познати се блиските односи на македонската влада со администрацијата на Доналд Трамп. Оттаму се поставува дилемата што конкретно може да се промени во односите меѓу Македонија и САД по последните избори?
„Ова се едни од најинтересните избори во поновата историја на САД. Републиканската партија, предводена од претседател со исклучително низок рејтинг, доживеа убедлив пораз, пред сè поради големата поддршка од неопределените гласачи. Причините треба да се бараат во незадоволството од високите цени на прехранбените производи и бензинот, скапото здравствено осигурување, но и во заморот на Американците од постојаните политички поделби, конфронтациите и радикалната реторика на движењето МАГА“, вели во анализа за „Локално“, новинарот и политички аналитичар кој живее и работи во САД, Борис Камчев за фактот дека Демократите ја презедоа контролата врз двата дома на американскиот Конгрес, откако Републиканската партија на претседателот Доналд Трамп ги загуби мнозинствата и во Претставничкиот дом и во Сенатот.
Се чини, додава тој, дека голем дел од гласачите едноставно сакаат враќање на политичката нормалност и повеќе внимание на секојдневните проблеми. Според Камчев, победата отвора и сериозни проблеми за Трамп – демократите сега ќе можат да блокираат дел од неговата политичка агенда, но и да започнат конгресни истраги на повеќе фронтови, од сомнежите за инсајдерско тргување и финансиските зделки со криптовалути до потенцијалните судири на интереси, имиграциската политика и воените операции против Иран. Секако, истрагите сами по себе не значат и докажана вина, но можат значително да го зголемат политичкиот притисок врз претседателот.
-Што се однесува до надворешната политика, Трамп уште на почетокот на вториот мандат влезе во конфронтација со традиционалните сојузници, воведе царини за увозот од Канада и ЕУ, ја прекина воената помош за Украина и се вклучи во војната против Иран, иако претходно ветуваше дека нема да ја вовлекува Америка во нови војни. Со демократското мнозинство во Конгресот се отвора можност за поголем притисок врз администрацијата да ги преиспита овие политики, особено во однос на царините, соработката со ЕУ и американската помош за Украина во нејзиниот отпор против руската агресија, истакнува соговорникот.
Сепак, потсетува Камчев, Трамп ги задржува широките претседателски овластувања, вклучително и правото на вето. Но, според него, политичката реалност во Вашингтон сега е сосема поинаква.

Борис Камчев – Фото: Принтскрин/Јутјуб
-Наместо да ја диктира агендата, ќе мора многу повеќе да преговара и да прави компромиси. Со други зборови, во преостанатите две години од мандатот, Трамп влегува во позиција што Американците ја нарекуваат „lame duck“ – претседател со ограничено политичко влијание, кој сè потешко ќе може да ја спроведува својата политика без поддршка на Конгресот, објаснува новинарот.
Победата на демократите на конгресните избори отвора интересно прашање за македонската надворешна политика, особено за Владата на Христијан Мицкоски, која досега демонстрираше голема политичка блискост со администрацијата на Доналд Трамп. Камчев смета дека не треба да се очекува некаков драматичен пресврт во македонско-американските односи.
-Македонија е членка на НАТО и долгогодишен стратешки партнер на САД, а тоа партнерство не започна со Трамп, ниту ќе заврши со неговото заминување од Белата куќа. Вашингтон има долгорочни безбедносни и геополитички интереси на Балканот, кои во голема мера ги надминуваат партиските разлики меѓу демократите и републиканците. Но, тука се поставува прашањето дали македонската влада премногу инвестираше во политичката блискост со Трамп, наместо да ги развива односите со американските институции, Конгресот и влијателните политички кругови од двете партии. Во Вашингтон политичките пријателства се менуваат со изборните циклуси, додека институционалните партнерства опстојуваат со децении, посочува новинарот.
Особено интересно ќе биде, смета тој, дали новиот демократски Конгрес ќе изврши поголем притисок за враќање на традиционалната американска политика кон Балканот, со акцент на владеењето на правото, борбата против корупцијата и евроинтеграциите. Камчев оценува дека тоа би можело да ја стави македонската влада во позиција да го преиспита својот досегашен пристап, особено во однос на блокираниот процес на пристапување кон ЕУ.
-На крајот, Македонија нема причина да избира меѓу демократите и републиканците. Нејзиниот стратешки партнер се Соединетите Американски Држави, а не конкретна администрација или претседател. Токму во тоа е суштината на една сериозна и долгорочна надворешна политика.
Истовремено, демократите традиционално посветуваат големо внимание на демократските институции, антикорупциските механизми и евроатлантската интеграција на Западен Балкан, иако тие цели имаат поддршка и меѓу дел од републиканците. Претходните американски администрации, вклучително и администрацијата на Бајден, ја третираа Македонија како партнер во овие области, вели Камчев и како заклучок додава дека во американската политика претседателите доаѓаат и си заминуваат, но Конгресот, Стејт департментот, Пентагон и американските стратешки интереси остануваат.
-Прашањето за македонската дипломатија е дали гради долгорочни односи со Америка или краткорочни политички пријателства со нејзините претседатели, дециден е новинарот.

Фото: Screenshot/Youtube/New York Post
Трамп изјави дека е подготвен да ги прифати изборните резултати и да соработува со демократите, иако претходно на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека, доколку бил на гласачкото ливче, ќе победел со убедлива разлика.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, призна дека е разочаран од резултатите, но најави дека републиканците ќе се обидат повторно да го освојат мнозинството на изборите во 2028 година.
Победата на демократите отвора можност Хаким Џефрис да стане првиот Афроамериканец на функцијата претседател на Претставничкиот дом.
Демократите забележаа неколку значајни победи во сојузните држави во кои традиционално доминираат републиканците. Во Тексас, нивниот кандидат Џејмс Таларико го победи Кен Пакстон, што претставува прва демократска победа за ова место по речиси четири децении.
Историски резултат постигнаа и во Канзас, каде што Адам Хамилтон го победи актуелниот републикански сенатор Роџер Маршал. Демократите последен пат имале сенатор од оваа држава во 1932 година.
Дополнително, демократите освоија сенаторски места во Северна Каролина, Јужна Каролина, Охајо и Ајова.
Во Јужна Каролина, демократката Ени Ендрус, педијатар по професија, ја победи републиканската кандидатка Дарлин Греам Нордон. Со тоа, Ендрус ќе стане првата демократска сенаторка од оваа сојузна држава по повеќе од 20 години.
Н.П.