
Во време кога јавноста се повеќе стравува поради кризата во Гостивар, стигна информација дека и граѓаните на Валандово не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако лабораториските анализи покажале зголемено присуство на арсен. ЈП „Комунален сервис“ – Валандово соопшти дека арсенот бил утврден во резултатите од анализите извршени од Институтот за јавно здравје во Скопје. Водата може да се користи исклучиво како техничка, сè до добивањето нови резултати со кои ќе биде потврдена нејзината исправност.
Детектираните 14 ppb арсен во водоводот во Валандово се за 40 отсто над дозволениот праг на Светската здравствена организација, но не создаваат опасност од акутно труење. Клиничкиот токсиколог Нико Беќаровски порачува дека водата во Валандово е токсиколошки безбедна за техничка употреба и туширање, а кусата консумација од неколку дена или недели нема да предизвика здравствени симптоми кај населението.
Со свое видување и докторот Милан Ристески кој е познат специјалист онколог. Тој во кратка изјава за „Локално“, вели дека при краткотрајна изложеност на вода со 14 мцг/Л арсен, нема да се случат никакви видливи симптоми или оштетувања на органите за варење или телото.

Испитувања на вода – Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5
-Оваа концентрација е само малку над безбедната граница на СЗО од 10 мцг/Л. За појава на акутно стомачно труење потребни се илјадници пати повисоки дози во милиграми. Сума Сумарум, да не им се повтори веќе, потенцира Ристески.
Проблемот со арсенот се појавува при хронично пиење на ваква вода во тек на повеќе години или децении. Тогаш може да настапат знаци на хронично труење.
Меѓу симптомите се темни пеги на кожата, задебелување на дланките, хипертензија, инсулинска резистенција и трнење на рацете поради неуритис. Арсенот е класифициран во првата група канцерогени супстанции, што го зголемува ризикот од рак на мочниот меур, бубрезите, кожата и белите дробови.
Водата со хемиска контаминација не станува безбедна со превривање. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести предупредува дека вриењето не ги отстранува хемиските загадувачи, меѓу кои и арсенот, а со испарувањето на дел од водата неговата концентрација може и да се зголеми.
Светската здравствена организација го класифицира неорганскиот арсен како канцерогена материја и наведува дека долготрајната изложеност преку вода и храна е поврзана со оштетувања на кожата и зголемен ризик од повеќе заболувања.
Што се однесува до водата од градскиот водовод во Гостивар, таа сè уште не е исправна ниту за пиење, ниту за користење како техничка, покажале тестирањата кои ги спроведоа експерти од скопски „Водовод“. Вчера се чистела каптажата од каде што се обезбедува вода за општината и поставен е систем за дополнително хлорирање на водата, а за кој, уверуваат стручњаците, ќе биде во рамки на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето.

Вода во Гостивар/Фото: Нова Република
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, кажа дека се вршат напори, гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода, а до крајот на следната недела и вода за пиење.
„Ќе вршиме секојдневни мерења на хлорот кај крајните корисници преку мрежата и доколку биде утврден соодветен параметар како што се очекува, до крајот на оваа недела се надеваме дека би имале соодветна техничка вода која би можеле да ја користат граѓаните на Гостивар, а претпоставките се доколку сè биде во ред со соодветниот третман, да можеме до крајот на наредната недела да имаме вода за пиење. Тоа исклучиво ќе важи само доколку во континуитет имаме двапати резултати кои ќе исклучат какви било потенцијални штетни ефекти во рамки на испитувањата. Ќе се врши испирање на примарната мрежа во рамки на Општина Гостивар, сè со цел да можеме да дојдеме до посакуваните резултати, да дојдеме прво до сигурна техничка вода“, кажа Тошковски.
Дотогаш на 13 пунктови, граѓаните ќе се снабдуваат со флаширана вода за пиење и техничка вода.
Покрај овие градови, Јјавното комунално претпријатие „Комуна“ од Крушево ги повика жителите на градот до понатамошно известување да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење, туку да користат пакувана вода. Препораката следува по известувањето од Центарот за јавно здравје – Прилеп, според кое водата од градскиот водовод е бактериолошки неисправна.
Од ЈКП „Комуна“ информираат дека водата од водоводната мрежа може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна, перење и миење садови само доколку претходно се преврие најмалку 10 минути.
Воедно, од претпријатието посочуваат дека водата редовно се хлорира и секојдневно се врши контрола на нивото на хлор во водоводниот систем.
Овие препораки ќе останат во сила сѐ додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата, по што јавноста ќе биде навремено информирана. Од Центарот за јавно здравје – Прилеп најавуваат дека ќе бидат во постојана комуникација со надлежните институции и ќе ја следат состојбата.
При контролите е утврдено дека бактериолошки неисправна е и водата од двете крајпатни чешми – кај Бензинската пумпа и „Св. Петка“, од каде што примероците биле земени на 20 јули. Надлежните предупредуваат дека водата од овие чешми не смее да се користи за пиење.
Н.П.