Вакцината против мали сипаници МРП е апсолутно безбедна и најефикасен начин за заштита на децата и населението од ова заразно заболување, изјави за „Локално“, проф. Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација. Таа објаснува дека малите сипаници или морбили може да предизвикаат сериозни заболувања, особено кај малите деца и новороденчињата кои се невакцинирани и дека родителите не треба да се плашат да ги вакцинираат.

-Вакцината е апсолутно безбедна и квалитетна и на нашите простори се користи години наназад. Секгаде во светот се користи оваа вакцина и таа е единствена безбедна и ефикасна мерка за заштита од морбили, вели проф. Грозданова.

Изминатите денови здравствените власти регистрираа четворица заболени со мали сипаници, од кои еден случај е од странство, а три се македонски државјани, од кои две се деца, а еден е на возраст над 40 години.

За тоа колку треба појавата на заболени да биде сериозен аларм за државата и да се зголеми опфатот на вакцинирани деца, проф. Грозданова вели дека не само во Македонија, туку и секаде во светот е намален опфатот на вакцинирани деца.

-Намален е опфатот на вакцинација со МРП вакцината, која заштитува од мали сипаници, односно од морбилите. Во Македонја, бројките со 65 и 70 проценти во зависност од тоа дека во различни градови имаме различни состојби. Тој опфат не доведува од ризик на појава на ова заболување, кое во последните неколу дена го имаме детектирано во неколку наврати, вели соговорничката.

Опфатот на вакцинација за населението да биде безбедно и болеста да не се јавува, објаснува таа, треба да биде над 95%.

-Но, кога влегуваме во вакви критични периоди кога опфатот е меѓу 60 и 70 отсто државата е веќе во ризик да се појават инфективните заболувања од тој предизвикувач. За да може да бидеме комотни треба да се повикаат сите родители кои ги немаат вакцинирано своите деца да ја примат МРП вакцината, посочува Грозданова.

Таа објаснува дека вакцината, за жал, ја следи стигматизација, со недокажани тврдења дека таа предизвикува други заболувања.

-Оваа вакцина за жал ја следи една стигматизација, за нејзината поврзаност, за што нема никакви научни докази, со појава и несакани реакции и можни асоцирања со некои невролошки заболувања од спектарот на аутизам. Илјадници деца ја имаат примено оваа вакцина. Ние конкретно во 2018 година имавме епидемија со морбили. Опфатот ни беше паднат и во период од шест месеци кога беше епидемијата вакциниравме над 42.000 деца кои ја примија оваа вакцина и веднаш потоа немаше никакви реакции од таа популација на вакцинирани деца, објаснува професорката.

Таа додава дека по интензивна вакцинација нема појава на болеста, токму поради тоа што децат се заштитени со вакцини.

-Но, како што ќе падне опфатот со вакцинација, се јавува инфективното заболување, вели Грозданова.

Појаснува дека треба да се прави разлика меѓу мали сипаници или морбили и варичела или овчи сипаници, кои според неа, луѓето ги поистоветуваат.

-Мора да разграничиме дека постои разлика меѓу сипаниците кои народот ги знае како варичела, односно овчите сипаници кои се друг тип на заразно заболување и имаат многу полесна клиничка слика во однос на морбилите или ситните сипаници, кои се рефлектираат и можат да предизвикаат сеиозни заболувања кај децата. Најверојатно кај широката популација овие две сипаници се поистоветуваат, а постои голема разлика меѓу нив, особено во компликациите кои морбилите може да ги направат како енцефалит, како сериозни пневмонии. Oттука задолжителна е вакцинацијата за морбили, а за варичела е само препорачана, вели Грозданова.

Според неа, разликата меѓу варичела и морбили има и во самите симптоми при појава на болеста и периодот на инкубација. Докторката информира дека кај варичела, периодот на ункубација е од 10 до 21 ден, се јавува температура која е често умерена, осип по кожата и силно чешање.

-Кај мали сипабници или морбили периодот на инкубација е од 7 до 14 дена, температурата е често висока меѓу 39 до 40 степени, осип по кожата, појава на кашлица, ринитис, конјуктивитис, копликови дамки. Компликациите од заразување со варичела се бактериски инфекции на кожата, пневмонија и невролошки компликации, додека компликации од заразување со морбили се пневмонија, енцефалитис Субакутен склерозирачки паненцефалитс, кажа соговорничката.

Во случаи кога опфатот на вакцинирани деца е намален , како што е сега, најзагорезни се невакацинираните и новороденчињата.

-Оваа вакцина според календарот за имунизација се прима првата доза кога детето има навршено една година. Иако во состојби на епидемија ние ја намалуваме возраста за вакцинирање и може да се прими од девет месеци. Најзагорозени се малите деца кои не се вакцинирани, кај нив и имунитетот не е стигнат и дополнтелно се најизложени на компликации од морбили, кажа Грозданова.

Таа објаснува дека ретки се случаите кога децата не смеат да ја примат вакцината поради контраиникации со одредена задравствена состојба.

-Немаме податок колку такви деца има, но тој процент е релативо мал, посебно заради тоа што од морбили треба да бидат заштитени и оние деца кои се со имунокомпромитирани состојби и кои имаат други хронични заболувања, затоа што тие влегуваат во категоријата на уште поризични ако бидат заразени со морбили, информира професорката и објаснува деа постојано  се работи на подигнување на свеста на родителите преку педијатрите,  матичните лекари и вакциналните пунктови.

-Добро е што веќе имам информација дека во вакциналните пунктови веќе родителите ги носат децата. Ги советувам сите родители да се консултираат со своите педијатри со вакциналните пунктови, да побараат информации и да бидат отворени во однос на она што значи комуникација со педијатрите, заклучува професорката.

Е.Б.