Паднатите дрвја и откорнати покриви и најразлични предмети од невремето кое го зафати Скопје се уште не се отсранети од тротоарите, шеталиштата, улиците и домовите на Скопјани. Дел од граѓаните на социјалните мрежи се жалат дека иако пријавиле кај надлежните, сепак никој не доаѓа да им помогне да ги отсранат паднатите поголеми дрвја, или кровни конструкции, а некои имаат и штети на домовите.

Од Центарот за управување со кризи, за „Локално“ изјавија дека општините и Град Скопје навреме интервенирале во расчистување на штетите од последиците и дека навреме ги известил граѓаните каде може да пријават и да побараат помош, но дека за дел од интервенциите е потребно време.

Над 13.000 граѓани од почетокот на невремето досега се јавиле на единствениот поквикувачки број на Центарот за управување со кризи (ЦУК) 112 за да пријават потреба од помош и различна штети како резултат на невремето, изјави за „Локално“, Трајче Јовановски, заменик директор на ЦУК.

Тој појасни дека дел од јавувањата се повторуваат за исти настани и дека сите овие пријави се проследени соодветно до надлежен орган за постапување и во согласност со нивните надлежности.

Фото: ЦУК

-Отстранувањето на последиците и штетите на поединечните локации е пред се во надлежност на локалните самоуправи, општините во Скопје, Градот Скопје и јавните претпријатија и служби и нивните севкупни ресурси, посебни оператори на пренос и дистрибуција на електрична енергија-ЕВН и телекомуникациска мрежа, изјави Јовановски.

Тој појасни дека во овие институции се пријавуваат штетите согласно нивниот вид, како на пример отстранување паднати дрвја, кровови, искинати и паднати кабли и столбови на разни оператори за електрична, телекомуникациска,  водоводна , комунална инфраструктура, паркови и јавни површини, сообраќајна инфраструктура и пристапни патишта.

Тој вели дека сите општини во Скопје и Градот Скопје навремено и итно одржале кризни штабови  и со сите расположливи ресурси итно, навремено и одговорно пристапиле кон отстранување на последиците од настанатото невреме.

-Тоа беше направено во согласност со утврдените приоритети за витални објекти и приоритети, но пред се за заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните. Со оглед на временската рамка, силината на невремето предизвикано од силниот ветер и последиците од истото за дел од интервенциите е потребно дополнително време за нормализирање на состојбите до секој дом и граѓанин но најголем дел од состојбата е нормализирана и надмината, изјави Јовановски.

Тој рече дека Градот Скопје и скопските општини ги информирале граѓаните,  а формирани се и функционираат општинските комисии за процени на штети од природни непогоди и други несреќи и апелираат до граѓаните да ја пријават настанатата штета во Комисиите во општините.

-Временската динамика исто е поврзана и со делот на управување на поеднични или колективни објекти за домување и возила така што се потребни и неопходни постапки поврзани со Законот за домување, осигурување и осигурителни полиси – поединечно и колективно кое секако влијае на временската рамка за отстранување на последиците, изјави Јовановски.

Фото: Локално

Тој рече дека граѓаните можат да побараат од општината надомест на штета на зафатеното подрачје во согласност со Законот за заштита и спасување.

-Процесот на процената и утврдувањето на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи во согласност со наведениот закон ја вршат единиците на локалната самоуправа. Процената на штетата се утврдува по единствена Методологијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи донесена од Владата, вели Јовановски.

Тој појасни дека утврдувањето на висината на штетата започнува веднаш по настанување на непогодата и потребно е единиците на локална самоуправа да изготват извештај-елаборат за утврдената штета во согласност со единствената Методологијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и да го достават до Комисијата за проценка и утврдување на штета од елементарни непогоди што ја формира Владата.

-Комисијата што ја формира Владата по претходно добиените извештаи изготвува вкупен извештај за штетата и го доставува до Владата со што се остварува можноста за обезбедување на парична помош од Буџетот на Републиката. Помошта која ја добиваат единиците на локалната самоуправа и другите правни лица може да ја користат исклучиво за намената за која е дадена, изјави Јовановски.

Е.Б.