
Црна Гора сака да има најдобри можни односи со Србија, изјави денес вицепремиерот и министер за европски прашања на Црна Гора Филип Ивановиќ. Во одговор на новинарско прашање како промената на власта ќе влијае на инфраструктурните проекти, тој рече дека треба да се остави време на новата власт во Србија да ги формира институциите и да излезе со план каква политика сака да води.
-Црна Гора со Србија дели многу нешта кои не се само инфраструктура, туку и економија и земјоделие. Она што ние го сакаме е да воспоставиме најдобри можни односи меѓу нашите држави. Тие односи се рефлектираат и на инфраструктурните проекти, како што е автопатот од Бар до границата со Србија, а потоа треба да се поврзе на автопатот до Белград, сметам дека е од интерес на двете земји, а какава ќе биде динамиката на изградба на тој пат и на други проекти тоа е прашање до нивите власти во Србија. Она што е до нас ние ќе го завршиме, рече Ивановиќ.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски рече дека со Србија има повеќе проекти, особено оние што се по коридорот 10 и изградбата на заеднички железнички премин, кој е во тек и се изведува според веќе потпишаните договори.
-Очекувам до крајот на следната година веќе тој заеднички железнички граничен премин да биде завршен и да биде ставен во функција. Имајќи предвид дека ваков премин со Грција има веќе воспоставен кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век не гледам причина зошто да немаме заеднички железнички граничен премин и со Србија, рече Николоски.
Тој смета дека промената на власта во Србија нема да влијае на реализација на инфраструктурните проекти.
-Очекувам дека и новата власт во Србија дека ќе продолжи да ја гради инфраструктурата, бидејќи коридорот 10 за нив е природен спој кон солунското пристаниште и не верувам дека би се откажале од тоа, рече Николоски.
Е.Б.