На Црна Гора денеска ѝ се исплатени околу 3,4 милиони евра од средствата на Европската Унија во рамките на програмата за секторска буџетска поддршка за реформа на јавната администрација и управувањето со јавните финансии, соопштија од Министерството за финансии и Министерството за јавна администрација на Црна Гора.

Како што се наведува, исплатата на првата варијабилна транша следуваше откако Министерството за јавна администрација, Министерството за финансии, Управата за човечки ресурси и другите надлежни институции ги исполнија дефинираните реформски цели и индикатори.

„Исплатата на првата варијабилна транша е резултат на успешната координација и заедничката работа на Министерството за јавна администрација, Министерството за финансии, Управата за човечки ресурси и другите надлежни институции за исполнување на дефинираните реформски цели и индикатори“, се вели во соопштението.

Барањето за исплата на средствата беше поднесено во септември минатата година, по што Министерството за јавна администрација до Европската комисија достави дополнета документација и потребни појаснувања.

Од министерствата истакнуваат дека одобрувањето на средствата го потврдува напредокот на Црна Гора во реформата на јавната администрација, но и способноста на институциите координирано да ги спроведуваат планираните активности и да остваруваат конкретни резултати.

„Особено е важно што овие средства се исплаќаат врз основа на остварените реформски резултати и претставуваат директна поддршка за државниот буџет“, се додава во соопштението.

Реформата на јавната администрација, како што посочуваат, е еден од клучните темели на процесот на пристапување на Црна Гора кон Европската Унија, бидејќи функционалната, одговорна и транспарентна администрација е неопходна за спроведување на јавните политики, примената на европските стандарди и давањето поквалитетни услуги на граѓаните и на стопанството.

Се додава дека остварените резултати имаат посебно значење и за исполнување на завршните мерила во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права.

Вкупната вредност на секторската буџетска поддршка за реформа на јавната администрација и управувањето со јавните финансии, во рамките на Годишната акциска програма ИПА 2022, изнесува 16,6 милиони евра. Од нив, 13,1 милион евра се наменети за директна буџетска поддршка, додека 3,5 милиони евра се определени за проекти за комплементарна поддршка. Фиксната транша од 3,5 милиони евра беше исплатена во декември 2023 година.