
Центарот за јавно здравје – Тетово прогласи епидемија на гастроинтестинално заболување на територијата на Општина Гостивар поради зголемениот број пријавени случаи во изминатиот период. Одлуката, како што информираат од Центарот, е донесена преку Одделението за епидемиологија со цел навремена реакција и спречување на понатамошно ширење на инфекцијата.
Од ЦЈЗ – Тетово посочуваат дека прогласувањето епидемија ќе овозможи поефикасно дејствување на здравствените екипи и подобра координација со останатите надлежни институции. „Оваа одлука ќе овозможи побрза и поефикасна реакција на терен, подобра координација меѓу надлежните институции“, се наведува во соопштението.
Здравствените власти апелираат граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки, особено одржувањето лична хигиена и користењето безбедна вода за пиење. Од ЦЈЗ предупредуваат дека при појава на симптоми како дијареа, повраќање, покачена температура или болки во стомакот, граѓаните треба навремено да побараат медицинска помош.
„Апелираме да ги почитувате препораките на здравствените институции, да одржувате високо ниво на лична хигиена и да користите само безбедна вода за пиење“, велат од Центарот за јавно здравје – Тетово.
Од таму ги повикаа сите лица со симптоми да соработуваат со медицинските екипи, да ги пополнат епидемиолошките анкети и да ги направат потребните анализи по препорака на лекарите. Според ЦЈЗ, овие информации се клучни за побрзо откривање на причинителот и преземање соодветни мерки.
„Оваа соработка е од особено значење за побрзо утврдување на причинителот и поефикасно решавање на состојбата“, нагласуваат од Центарот, додавајќи дека состојбата ќе продолжи внимателно да се следи и јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови детали