
Во Македонија се потврдени четири случаи на морбили, од кои еден е увезен, а тројца се македонски државјани од Велес, Штип и Скопје. Меѓу домашните случаи има две бебиња помлади од 12 месеци и едно лице на возраст над 40 години, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Според Клековски, сите тројца домашни заболени се невакцинирани, а надлежните здравствени служби испитуваат дали постои евентуална поврзаност меѓу регистрираните случаи.
Министерот посочи дека засега нема услови за прогласување епидемија, но нагласи дека е потребно внимателно следење на состојбата.
Посебен ризик претставуваат бебињата помлади од една година, кои сè уште не се опфатени со редовната вакцинација против морбили.
„Бебињата до 12 месеци не се опфатени со вакцината и треба да ги заштитите со вакцинација на сите во околината“, порача Клековски.
Од Министерството за здравство претходно информираа дека епидемиолошките служби ги идентификуваат и следат контактите на заболените. На здравствените установи им бил доставен протокол за рано препознавање, тријажа и изолација на сомнителните случаи, а градинките и училиштата добиле упатства за превентивни мерки.
Институтот за јавно здравје на 30 октомври предупреди дека морбилите се меѓу најзаразните инфективни заболувања и дека постои зголемен ризик од дополнителни случаи, особено поради епидемиите во соседните Косово и Бугарија.
Според Институтот, засега нема основа да се заклучи дека постои пошироко епидемиско ширење на национално ниво, но неопходни се засилен епидемиолошки надзор, следење на контактите и дополнителна вакцинација на невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица.
Здравствените власти ги повикуваат родителите да ги проверат вакциналните картони на децата и да ги надоместат пропуштените дози од МРП-вакцината.