Општина Центар ќе формира комисија пред која граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од силното невреме што вчера го погоди Скопје, најави градоначалникот Горан Герасимовски по координативниот состанок со скопските градоначалници и Кризниот штаб на Град Скопје.

Герасимовски информираше дека на состанокот биле разгледани последиците од невремето и состојбата на теренот, а Штабот за заштита и спасување на Општина Центар веќе дал насоки за формирање комисија за евидентирање на штетите.

– На состанокот со колегите од другите општини ја разгледавме состојбата на теренот и последиците од невремето. Штабот за заштита и спасување на Општина Центар денеска веќе даде насоки за формирање комисија пред која граѓаните ќе можат да ги пријават штетите, а истото ќе го направат и другите локални самоуправи – изјави Герасимовски.

Во координација со Град Скопје ќе се изврши стручна проценка на сите пријавени штети, по што, согласно законските можности, ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санација на оштетените станбени објекти.

Истовремено, договорено е општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да спроведат засилени контроли на сите објекти каде што има оштетени кровни конструкции, со цел да се утврдат причините за настанатите оштетувања.

Од Општина Центар информираат дека мобилните екипи и понатаму се на терен и интензивно работат на расчистување и нормализирање на состојбата по невремето.

The post ЦЕНТАР ФОРМИРА КОМИСИЈА ЗА ШТЕТИТЕ Граѓаните ќе можат да ги пријават последиците од невремето appeared first on plusinfo.mk.