Цените на нафтата пораснаа за околу три проценти во неделата, откако Соединетите Американски Држави и Иран повеќе од една недела разменуваа меѓусебни напади.

Цената на северноморската нафта „Брент“, меѓународниот референтен стандард, порасна за три проценти на околу 90,78 долари по барел, додека американската сурова нафта поскапе за речиси три проценти, на 84,85 долари по барел, пишува Си-Ен-Ен.

Сообраќајот низ Ормускиот Теснец, преку кој минува околу 20 проценти од светските залихи на нафта, опадна откако тензиите ескалираа минатата седмица. Соединетите Држави во средата повторно воведоа поморска блокада на иранските пристаништа, наведува овој медиум.

Одредени бродови користат алтернативни рути, вклучувајќи пловидба долж брегот на Оман, што Техеран не го одобри.

Пораснаа и цените на горивата, но просечната цена на бензинот во САД и понатаму е малку под четири долари за галон, покажуваат податоците на Американското автомобилско здружение (AAA). Со просечни 3,992 долари за галон, американските возачи сега плаќаат околу 34 проценти повеќе отколку пред почетокот на војната.

Фјучерсите на индексите Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq паднаа за околу 0,2 проценти.

Конфликтот меѓу Иран и САД влегува во нова фаза, по краткото примирје меѓу овие држави.