Цените на нафтата на светскиот пазар паднаа во понеделникот во просек за четири проценти. Ова е реакција на пазарот на веста дека САД и Иран во текот на викендот ги прекинаа меѓусебните воени напади, по две недели непрекинати тензии.

Ова краткотрајно затишје веднаш ги зголеми надежите за можно дипломатско решение кое би го ублажило поширокиот судир на Блискиот Исток и, што е најважно за глобалната економија, би овозможило непречено продолжување на комерцијалната пловидба во стратешки важниот Ормуски теснец.

Пазарите брзо реагираа на смирувањето на тензиите, што директно се одрази врз цените на барелот.

Фјучерсите за сирова нафта „Брент“ паднаа за 3,96 долари (или 4,1 процент), па така со барел се тргуваше по цена од 92,82 долари. Интересно е што претходно во текот на тргувањето цените накратко паднаа и под границата од 90 долари.

Американската нафта од марката West Texas Intermediate (WTI) исто така бележи остар пад. Се тргуваше по цена од 85,29 долари за барел, што претставува пад од 4,02 долари, односно 4,5 проценти.

Падот на цените претставува барем краткотрајно олеснување за глобалната економија, која изминатите недели стравуваше од потенцијална енергетска криза и драстични поскапувања поради блокадата на најважните поморски рути за транспорт на нафта.