Националното собрание на Франција во средата навечер го одби делот од предлог-буџетот за 2027 година што се однесува на приходите. Со тоа целиот предлог се смета за одбиен во прво читање и без расправа за расходите оди во Сенатот.

Како што пренесува ЛЦП (LCP), телевизијата на францускиот парламент, пратениците го одбија текстот настанат по повеќенеделната расправа, која започна на 13 октомври, со 458 гласа „против“, додека за него не гласаше никој.

Според правилата на Националното собрание, делот од буџетот што се однесува на расходите не може да се разгледува доколку претходно не е усвоен делот за приходите. Поради тоа, до Сенатот се доставува првичниот текст предложен од владата на премиерот Себастиен Лекорни (Sébastien Lecornu).

Амандманите усвоени за време на расправата во Собранието значително го изменија владиниот предлог. На крајот, целиот текст не ѝ се допадна на ниту една пратеничка група.

Луѓе блиски до Лекорни го намалуваат значењето на овој пораз. Како што пренесува Франсинфо (Franceinfo), од опкружувањето на премиерот порачуваат дека „по читањето во Сенатот ќе дојде време за компромис“. Исходот го споредуваат со претходните буџетски циклуси, во кои првото читање служело за секоја група да ги постави своите црвени линии.

Владата на Лекорни нема мнозинство во Националното собрание, а ова е последниот буџет за време на мандатот на претседателот Емануел Макрон.