Со 1.5 милијарди евра Владата планира да ја гради хидроцентралата „Чебрен“ и „Галиште“, стратешки проект најавуван десетици години. Премиерот Христијан Мицкоски очекува камен темелникот да биде поставен идната година и ова вели ќе се оствари доколку успеат преговорите кои се во тек за формирање на синдикат од меѓународни финансиски институции. За шефот на Владата браната која би се изградила на Црна Река би имала клучна улога во обезбедување на резервоари со вода.

„Државата да стегне заби и сама да ги изгради“, рече премиерот. Инаку, идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект „Чебрен“ започнува со првите физибилити студии во 1960-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик беше објавен во 2024 година.

Дали државата ќе може да стисне заби?

Проектот „Чебрен“ е стратешки важен за Македонија и тука нема дилема, но, прашањето не е дали државата треба да сака да го изгради, туку дали има институционален, финансиски и технички капацитет сама да го реализира без сериозен меѓународен партнер. Според, Виктор Андонов – експерт за енергетска политика, ова не е прашање само за Македонија туку и земјите од регионот имаат сличен пристап на реализација на нивните стратешки проекти.

-Ајде да видиме што се случува во регионот, ЕПЦГ (државното електростопанство во Црна Гора) за реализација на ХЕЦ Крушево потпиша договор со стратешки инвеститор ЕДФ (француското државно електростопанство), ЕПС (државно електростопанство во Србија) потпиша договор за развој на нуклеарна енергија со ЕДФ, претходната недела потпишаа договор со SOCAR за изградба на гасна електрана во Ниш, пред една недела објавија оглас за изградба на најголемата пумпно акумулациона централа Ѓердап 3, со стратешки американски инвеститори.

Во принцип, државна реализација е можна, но само под еден и единствен услов: невиден професионализам, силна проектна дисциплина и целосна поддршка од меѓународни финансиски институции, вели Андонов во разговор за „Локално“.

Според него, за жал, во изминатите 35 години не можеме да се пофалиме со таков капацитет кај големите инфраструктурни проекти.

Виктор Андонов – Фото: Balkan Green Energy News

-Последен пример е автопатот Кичево – Охрид: 60 километри, повеќе од 13 години незавршен и со значително зголемени трошоци. Ако такво нешто се случи со „Чебрен“, ризикот е огромен. Проект што денес се проценува на 1,5 милијарди евра, во лошо управувано сценарио може да стане проект од 3 милијарди евра.

Доколку Владата денес донесе одлука државата самостојно да го реализира „Чебрен“, тоа реално може да се направи само со силна финансиска конструкција во која ќе бидат вклучени најмалку Светска банка, ЕБРД, ЕИБ, ИФЦ, КфВ или слични меѓународни финансиски институции, и тие ќе бараат сериозна физибилити студија од реномирана меѓународна консултантска куќа, јасна економска логика, решени еколошки прашања, процена на ризици, модел на приходи и професионална структура за управување со проектот, истакнува соговорникот.

Андонов тврди дека само за тоа ќе бидат потребни најмалку две години, по што ќе следуваат уште најмалку две години за подготовка на квалитетен основен проект, тендерска документација, финансиско затворање и избор на изведувачи. Тоа значи дека, како што вели, дури и денес да се донесе одлука, изградбата на „Чебрен“ тешко дека може да започне во наредните четири години.

-За „Галиште“, во овој момент, не треба ни да се отвора сериозна расправа како проект за непосредна реализација. Техничката документација што постои од минатото не е на нивото на „Чебрен“, а тоа значи дека проектот е уште подалеку од реална инвестициска одлука. Дополнително, мора да се гледа и регионалниот контекст. Србија веќе објави повик до американски компании за пумпно-акумулационата хидроелектрана „Ѓердап 3“, проект што може да има капацитет да балансира најголем дел од обновливата енергија во цела Југоисточна Европа. Тоа е многу важен сигнал. Ако Македонија доцни со „Чебрен“, не доцни само со еден хидроенергетски проект, туку доцни со својата позиција на идниот регионален пазар на флексибилност, балансна енергија и складирање, објаснува експертот.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Неговата оценка е дека „Чебрен“ мора да се турка, и одлуката на кој начин треба да се гради, требаше да биде веќе донесена, но не како политички проект и не како проект што државата ќе го води со класичната домашна административна логика.

-Ако се оди на државна реализација, мора да се формира посебна професионална проектна единица, со меѓународни инженери, финансиски советници, правни советници, независен надзор и јасна одговорност. Во спротивно, ризикот е проектот да стане уште еден скап симбол на недовршена инфраструктура.

Македонија може да го гради „Чебрен“, но не може да го гради како што изминатите 35 години ги водела големите инфраструктурни проекти, затоа што овој проект може да се изгради само со капитал, знаење, документација, меѓународна доверба и строго управување со ризици. Тоа е суштината, заклучува Андонов.

2027-та ќе биде клучна и за, како што велат од Владата, реализација на уште еден капитален и долгонајавуван проект, изградбата на Клиничкиот центар. Планот на Владата е тој да биде сместен на земјиштето пред базенот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. За да се поврзе со ГОБ „8 Септември“, поликлиниката Букурешт и ПЕТ центарот би се изградил и подземен премин. Шефот на Владата информираше дека претходница на проектот ќе биде завршување на процедурите за болниците во Штип, Тетово и Кичево.

Најдоцна до октомври годинава треба да се вози по делницата Извор – Врбјани дел од автопатот Кичево и Охрид. Согласно владините најави, автопатот кој се гради повеќе од 15 години официјално ќе биде пуштен во употреба во првите месеци од 2027-та. За Скопје-Блаце сите процедури се завршени, кој крајот на месецот почнува изградбата и на оваа клучна автопатска делница.

Н.П.