Една година помина и секојдневни се ПР објавите за промоција на градоначалникот отколку на суштинско решавање на проблемите на Скопје. Имаме многу ПР, фотографии, видеа и најави, но граѓаните очекуваат конкретни резултати, а не постојано самопофалување. Сепак, бидејќи секогаш говорам реално, има реализација на многу заостанати работи кои изминатите години се кочеа и Скопје се доведе во комплетен хаос“, вели во разговор за „Локално“, координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска за една година мандат на новата градска власт и раководењето на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Цаневска истакна дека како советничка група поддржале реконструкција на две училишта во Ѓорче Петров и Драчево, енергетска ефикасност во училиштата, но, вели дека не треба да се претставува дека тоа се прави со пари од сопствен џеб на градоначалникот, мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ или партиски пари, туку со пари на скопјани.

Советничката истакнува дека првото ПР трик ветување беше дека Скопје ќе се исчисти за 72 часа и посочува дека секојдневната слика на градот е најдобриот одговор.

Се направи шминка зошто градот не се чисти за 72 часа, туку континуирано. Отпадот, нефункционалноста на јавните претпријатија, јавниот превоз, сообраќајниот хаос и недоволното одржување на јавните површини и натаму се проблеми. Не е доволно еднаш да се организира акција за чистење и потоа да се прогласи победа над ѓубрето. На Скопје му треба систем, континуитет и одговорност на сите, децидна е Цаневска.

Соговорничката, сепак вели дека има промени во одредени сегменти, но тука мора да се направи една важна разлика – не може секој проект што денес се реализира да се претставува како нов успех на актуелниот градоначалник.

-Дел од проектите за кои денес има самопофалби, се најавуваат и се промовираат, се планирани, подготвувани и започнати пред пет години. Иронијата е што партијата на актуелниот градоначалник во изминатите четири години, како дел од градското мнозинство, ги оспоруваше, блокираше или не даваше поддршка за нив, а денес ги претставува како сопствено достигнување, забележува Цаневска, додавајќи дека БРТ системот, булеварот АСНОМ и пречистителната станица се само дел од тие проекти.

За Цаневска, не е проблем што проектите продолжуваат, напротив, вели, добро е што се реализираат „и ние, како секогаш поддржуваме сеʼ што е во интерес на скопјани“.

Проблем е кога се заборава и сака да се претстави дека Скопје почнува од нив. Имаме сериозни забелешки на нивната желба да ги уништат советничките прашања, но ние не се предаваме да ги разубедиме, жестока дебата со високи тонови имавме на забелешката дека официјалната страна на Град Скопје ја претворија во партиска табла за критика на опозицијата. Тоа треба да го прават на прес-конференција од нивниот партиски штаб, информира советничката од редовите на СДСМ.

Додава дека неразбирлива е нервозата и одбивањето на речиси секоја иницијатива на опозицијата.

-Скопје нема потреба од градоначалник кој секојдневно ќе се фотографира со проектите, туку од градоначалник кој ќе ги решава проблемите на граѓаните. Една година е доволно за да се види правецот, но не и за да се прогласи победа. На крајот, мандатот нема да го оценуваат по бројот на објави на Фејсбук, туку по тоа како навистина живеат скопјани. ПР-от трае еден ден. Резултатите треба да траат со години, децидна е Цаневска.

Н.П.