Моќно невреме проследено со пороен дожд и силни налети на ветер предизвика сериозни проблеми во Словенија и на хрватскиот дел од Јадранот. Во Словенија беа поплавени домови и деловни простории, додека во хрватските води десетици бродови и јахти беа исфрлени на брегот поради силните бранови и невремето.

Најтешко било погодено подрачјето на Крањ, каде што спасувачките екипи до раните утрински часови интервенирале 33 пати.

Водата навлегла во куќи, подруми и деловни објекти, а ветерот предизвикал дополнителна штета со паѓање дрвја и оштетување покриви. Пожарникарите испумпувале вода, ги обезбедувале објектите и ги расчистувале сообраќајниците.

Интервенции имало и во повеќе други словенечки региони, меѓу кои Горења Вас-Пољане, Накло, Корошка, Словењ Градец, Дравоград, Мислиња и Превале. Зафатени биле и делови од Подравскиот регион и Штаерска. Засега нема информации за повредени лица, но е пријавена материјална штета.

Невремето било предизвикано од силен атмосферски систем кој се формирал над северна Италија и се движел кон југоисток. Бурата најпрво го зафатила словенечкото Приморје, а потоа се проширила кон Истра и северниот Јадран.

Во исто време, во хрватските територијални води се одвивала спасувачка операција. Националниот центар за координација на поморското пребарување и спасување во Риека добил повик од оштетена едрилица на околу 12 наутички милји јужно од ’Ртот Камењак.

Поради силниот ветер и високите бранови комуникацијата со екипажот била отежната, но по акцијата во која учествувале надлежните поморски и полициски служби, биле пронајдени тројца австриски државјани. Тие биле неповредени и со спасувачки брод биле пренесени во Пула.

Невремето предизвикало хаос и околу островите Уније, Сушак и Лошињ, каде што силните налети ги откинале пловилата од сидрата и исфрлиле повеќе бродови и јахти на брегот. За среќа, нема повредени лица ниту е забележано загадување на морето.

Хрватскиот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување поради можност за нови силни грмотевици, интензивни врнежи и засилен ветер. Надлежните служби продолжуваат со расчистување на последиците и процена на причинетата штета.

The post Бурата од северна Италија стигна до Словенија и Хрватска, службите на терен appeared first on Скопско ЕХО.