
Бугарската партија со контроверзни ставови ВМРО-БНД ја повика в.д. претседателката на нашиот источен сосед, Илијана Јотова да го брани, како што велат, ставот на Бугарија во врска со правата на Бугарите во Македонија за време на нејзината средба со претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Прес-центарот на бугарската партија потсетува дека Јотова ќе биде домаќин на јубилејниот Самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој ќе се одржи денес во Националниот дворец на културата, а на кој ќе учествуваат шефовите на делегации од 12 земји учеснички во ПСЈИЕ и Советот за регионална соработка, од кои една е РСМ – претставувана од претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, ВМРО-БНД апелира до бугарската претседателка, за време на разговорот со нејзината колешка „јасно да го потврди ставот на Бугарија за членството на РСМ во ЕУ, како и да повика на почитување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан меѓу двете земји на 1 август 2017 година.“.
Партијата додава дека шефицата на бугарската држава треба да потсети дека „Македонија мора да ги исполни и договорите постигнати со ЕУ на патот на земјата кон приклучување кон блокот, што вклучува и внесување на Бугарите во македонскиот Устав“.
Пред посетата, претседателката Сиљановска-Давкова изјави дека средбата е продолжение на разговорите со Јотова кои почнале на самитот во Ереван. Додаде дека нема нерешлив проблем и дека очекува на средбата да се разговара за сите суштински прашања.