
„Една опција е компромис околу основните критериуми за членство, но тоа потоа би донело проблеми. Ние предлагаме друг пристап – членство засновано на вистински заслуги и придонес“, им изјави Радев на новинарите во Тиват, каде што учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Радев рече и дека Бугарија може да обезбеди значајна помош во евроинтеграциите бидејќи има значително искуство, пренесе агенцијата БТА.
„Можеме да ги поддржиме институциите на тие земји (кандидати за ЕУ) за да можат побрзо да напредуваат на европскиот пат, но процесот мора да биде одржлив и неповратен“, изјави бугарскиот претседател.
Радев пред почетокот на самитот им кажа на новинарите и дека синоќа разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со барањето за екстрадиција на лицата против кои во Бугарија се води правна постапка.
Коментирајќи го случајот со поранешниот директор на Бугарската банка за развој, Стојан Мавродиев, кој е притворен во Србија, и можното одложување на неговата екстрадиција, Радев рече дека постои можност да се повтори ситуацијата со десетгодишното чекање на изручување на поранешниот шеф на Корпоративната комерцијална банка, Цветан Василев, кој сè уште се наоѓа во Србија.
„Затоа синоќа разговарав со Вучиќ. Добив уверување од претседателот Вучиќ дека владата на Србија со најголема одговорност ќе се однесе кон нашето барање за екстрадиција“, изјави Радев.