Во политичкиот театар на Балканот, каде што често симболиката се прогласува за стратегија, а навредената суета за државен интерес, од Софија повторно пристигнува порака во добро познат стил: Бугарија не само што се доживува како чувар на европските порти, туку повремено остава впечаток дека верува оти самиот Шенген функционира како продолжена рака на нејзината внатрешна политика.
Овојпат, поводот не е дипломатска нота, историска комисија или европски документ, туку поткаст. Поточно, видео во кое двајца македонски државјани, според бугарската партија „В’зраждане“, упатиле навредливи гестови кон бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова.
Пратеникот Ангел Георгиев во бугарскиот парламент најави дека партијата ќе испрати официјално барање до Министерството за надворешни работи на Бугарија со кое ќе се бара забрана за влез во Шенген-зоната за двајцата македонски државјани.
„Станува збор за двајца македонски јутјубери кои во последните 24 часа објавиле видео. Ние од ‘В’зраждане’ инсистираме Министерството за надворешни работи конечно да реагира, бидејќи досега нема никаква реакција“, изјави Георгиев.
Од партијата очекуваат случајот да има и судска разврска. Георгиев го спореди ова со случајот на бугарскиот државјанин Драги Каров, кој неодамна во Македонија беше осуден на условна казна затвор поради објави на Фејсбук.
„Очекуваме и тие да бидат осудени, бидејќи во спротивно тоа ќе биде уште еден доказ дека Република Северна Македонија не се реформира и нема место во ваква состојба во Европската Унија“, рече Георгиев.
Во суштина, настапот на „В’зраждане“ повторно ја отвора старата балканска дилема: каде завршува легитимната заштита на државното достоинство, а каде почнува политичката претстава во која секоја критика, секој сарказам и секоја непријатна јавна реакција се третираат како геополитички инцидент. Особено кога барањето не се ограничува само на билатерална реакција, туку се проектира врз целиот Шенген-простор, како Бугарија да располага со европските граници по принципот „кој не ни се допаѓа, нека не влегува“.
Барањето на „В’зраждане“ доаѓа во период на продолжени политички и дипломатски тензии меѓу Софија и Скопје. Бугарското Министерство за надворешни работи во повеќе наврати соопшти дека не поддржува промена на европската преговарачка рамка за Македонија, со што официјална Софија продолжува да ја држи темата за македонските евроинтеграции во тесна врска со сопствените историско-политички условувања.
Во одделна изјава, пратеникот Петар Петров од „В’зраждане“ ја критикуваше бугарската Влада поради политиката за водоснабдување кон Грција. Тој оцени дека не добил јасен одговор како ќе бидат заштитени бугарските интереси во услови на можно ново засушување и најави дека партијата ќе продолжи да инсистира националните интереси на Бугарија да бидат приоритет.
Но, токму во таа логика се чита и поширокиот политички манир: секое прашање, било да е поврзано со Македонија, Грција, водата, историјата или Шенген, се претвора во сцена на која Софија настапува како да има привилегија да ги толкува регионалните односи од позиција на последен судија. Проблемот е што Балканот одамна знае дека големите амбиции не секогаш доаѓаат со голема политичка зрелост.
Засега останува да се види дали бугарското Министерство за надворешни работи ќе постапи по барањето на „В’зраждане“ или случајот ќе остане уште една епизода во долгата серија политички настапи во кои Македонија повторно се користи како погодна сцена за домашна бугарска мобилизација.The post БУГАРСКА СТРАЖА ПРЕД ШЕНГЕН: КОГА СОФИЈА СЕ ЗАМИСЛУВА КАКО ГЛАВЕН ПОРТИР НА ЕВРОПА appeared first on Politika.