Бродскиот сообраќај низ теснецот Баб ел-Мандеб е значително намален по нападите на јеменските Хути врз нафтени постројки на саудиската компанија „Арамко“ на брегот на Црвеното Море, објави Ројтерс. Според податоците на компанијата Kpler, во неделата низ теснецот поминале само 11 товарни бродови, што е најниско ниво во последните неколку месеци. Намален е и сообраќајот низ Ормутскиот Теснец, каде за време на викендот дневно поминувале помалку од десет товарни бродови.
Хутите соопштија дека ги нападнале нафтените постројки во Џизан и Јанбу, со цел да го попречат саудискиот извоз на нафта. Поради нарушувањето на пловидбата низ двата клучни поморски правци, цените на суровата нафта на пазарите во Европа, Блискиот Исток и Африка достигнаа највисоко ниво во последните два месеци.
И покрај зголемените безбедносни ризици, неколку супертанкери продолжиле со транспорт на саудиска, руска и катарска нафта кон Кина, Пакистан и Јапонија. Намалениот поморски сообраќај дополнително ги зголемува стравувањата од нови нарушувања во глобалното снабдување со енергенси. Растечките тензии во регионот повторно ги ставаат Црвеното Море и Ормутскиот Теснец во фокусот како едни од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта.
The post Бродскиот сообраќај низ Црвеното Море значително намален по нападите на Хутите appeared first on Скопско ЕХО.