
Британскиот министер за одбрана Џон Хили неочекувано поднесе оставка, порачувајќи дека владата не е подготвена да издвои доволно пари за војската во момент кога безбедносните закани растат.
Хили му порача на премиерот Кир Стармер дека владиниот план за инвестиции во одбраната „значително заостанува зад она што е потребно во ова опасно време“. Објавувањето на планот беше одложено по медиумските написи за несложувања меѓу Министерството за одбрана и Министерството за финансии.
Стармер вети дека ќе ги зголеми британските трошоци за одбрана на 2,5 отсто од бруто-домашниот производ до 2027 година, како и на 3 отсто до 2034 година. Но, многумина во војската сметаат дека тоа се случува премногу бавно.
„Вие не успеавте да обезбедите, а Министерството за финансии не беше подготвено да ги одобри средствата што ѝ се потребни на државата за одбрана во момент на сè поголеми безбедносни закани“, напиша Хили во писмото за оставка.
Тој додаде дека барањата кон одбранбениот систем и воените обврски на Обединетото Кралство се зголемени, наведувајќи ги војната со Иран, конфликтот во Украина и заканите од Русија. „Сега не ми преостанува ништо друго освен да поднесам оставка од функцијата министер за одбрана“, нагласи тој.
Хили е на чело на британското Министерство за одбрана од доаѓањето на лабуристичката влада на власт во јули 2024 година. Тој имаше клучна улога во зајакнувањето на меѓународната поддршка за Украина, како и во обединувањето на мултинационалната коалиција која би требало да помогне во гарантирањето на безбедноста во случај на постигнување примирје.
Тој, исто така, учествуваше во воспоставувањето на поморски безбедносни сили кои, по завршувањето на војната со Иран, би требало да помогнат во одржувањето на Ормускиот теснец отворен за меѓународна пловидба.
Оставката на Хили е нов удар за премиерот Стармер, кој веќе се соочува со сè поголеми притисоци и повици од одредени пратеници на Лабуристичката партија да се повлече од функцијата.