Европската комисија сака да го намали регулаторниот товар за банките со цел тие да станат поконкурентни во однос на американските ривали, но критичарите предупредуваат дека олабавувањето на правилата би можело да ја ослаби стабилноста на банкарскиот систем.

Комисијата во петокот објави соопштение за конкурентноста на банкарскиот сектор во ЕУ, во кое најавува мерки за зајакнување на единствениот пазар за банките, поедноставување на правилата и полесно прекугранично работење.

Банките веќе долго време тврдат дека сложените европски правила ги кочат во кредитирањето на граѓаните и претпријатијата, а европските влади сè повеќе стравуваат дека банкарскиот сектор во ЕУ заостанува зад американскиот.

Според нацрт-документите кои претходно ги виде „Политико“, Брисел размислува за ублажување на дел од барањата за банките, вклучувајќи ги капиталните барања, правилата за платите на банкарите и можната нова улога на Европскиот орган за банкарство, кој во својот мандат би можел да ја добие и целта за зајакнување на конкурентноста на секторот.

Станува збор за политички чувствителна тема. Капиталните барања служат како безбедносен ампулатор (перница) кој треба да им помогне на банките да ги издржат кризите. Банките тврдат дека превисоките барања го намалуваат износот на пари што можат да го пласираат преку кредити, додека потрошувачките и надзорните организации предупредуваат дека токму силната регулација спречи повторување на финансиската криза.

Американскиот претседател Доналд Трамп води политика на дерегулација, а САД во март предложија поблаг пакет-правила со кој се намалува износот на капитал што банките мора да го држат за покривање на ризиците. Тоа го зголеми притисокот од европските банки и ЕУ да тргне во истата насока.

„Фајненшл тајмс“ претходно објави дека Комисијата подготвува предлози за намалување на дел од капиталните барања, поедноставување на заштитните слоеви на капиталот и известувањето, како и за преиспитување на мандатот на Европскиот орган за банкарство.

Во документот на Комисијата се наведува дека на европските банки им е потребен посилен единствен пазар, повеќе простор за прекугранично работење и помала фрагментација меѓу државите членки.

Застапниците на реформата тврдат дека европските банки немаат доволна големина за да се носат со американските конкуренти, особено во инвестициското банкарство и пазарите на капитал.

Поранешниот италијански премиер Енрико Лета, автор на влијателниот извештај за единствениот пазар на ЕУ, изјави за „Политико“ дека на Европа ѝ се потребни „обем и раст“ во банкарскиот сектор. Според него, тоа значи помагање на прекуграничните спојувања и излегување на банките од тесните национални рамки.

Слична дијагноза претходно изнесе и Марио Драги. Вo својот извештај за европската конкурентност, тој напиша дека способноста на банките во ЕУ да финансираат големи инвестиции е ограничена од пониската профитабилност, повисоките трошоци и помалата големина во споредба со американските банки. „Фајненшл тајмс“ наведува дека пазарната вредност на „Џеј-Пи Морган“ е поголема од вкупната вредност на десетте најголеми банки во ЕУ заедно.

Но, дел од експертите и организациите за заштита на потрошувачите предупредуваат дека олабавувањето на правилата би можело да биде опасно.

Ребека Кристи од тинк-тенкот „Бројгел“ смета дека најдобриот начин за зајакнување на конкурентностa на банките во ЕУ е да се имаат силни и веродостојни тела задолжени за финансиската стабилност.

„Бројгел“ во недамнешната анализа предупреди дека најголемите европски банки не се под толку силен американски конкурентски притисок како што тврди индустријата, туку дека вистинските проблеми се фрагментацијата, регулаторната сложеност и механизмите за управување со кризи.

Јулија Симон од организацијата „Фајненс воч“ порача дека капиталните барања договорени на меѓународно ниво не се пречка за конкурентноста, туку причина поради која банките можат да ја поддржуваат економијата и во стресни периоди.

Според критичарите, доколку ЕУ само ги намали заштитните барања без реално да го реши фрагментираниот пазар, европскиот банкарски систем би можел да стане поризичен, а банките притоа да не станат доволно големи за да им конкурираат на американските.