Европската Унија отвора нова, чувствителна дебата околу правилата за идното проширување. Во фокусот овојпат не е само прашањето кога земјите кандидати ќе станат членки, туку и под кои услови ќе ги добијат сите права што досега автоматски произлегуваа од членството.

Пет земји-членки — Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург — предлагаат сет мерки што би функционирале како заштитен механизам во идните договори за пристапување. Според заедничкиот документ, една од најзначајните идеи е можноста новите членки привремено да имаат ограничени гласачки права во одредени области на европското законодавство.

Ова би се однесувало особено на прашањата каде што во моментов одлуките се носат едногласно, како што се делови од политиката на проширување, заедничката надворешна и безбедносна политика, како и повеќегодишната финансиска рамка на Унијата.

Во документот се наведува дека ЕУ треба да отвори темелна расправа за воведување преодни ограничувања на правото на глас на новите земји-членки, имајќи ги предвид и правните и политичките чувствителности што би ги предизвикал ваквиот пристап.

Покрај ова, петте земји предлагаат и зајакнат систем за следење на состојбите по пристапувањето. Наместо членството да се смета за крај на реформскиот процес, новиот пристап би значел дека Брисел ќе задржи можност да реагира доколку некоја нова членка покаже сериозно назадување во клучните области.

Во документот се предлага воведување таканаречена клаузула за незадназадување, која би била правно обврзувачка и би забранувала отстапување од вредностите на Европската Унија по приемот во членство. Тоа би се однесувало на владеењето на правото, демократските стандарди, институционалната стабилност и почитувањето на основните европски принципи.

Доколку се утврди прекршување или сериозен ризик од назадување, би можеле да се активираат различни инструменти, меѓу кои финансиски мерки поврзани со владеењето на правото, постапки за повреда на правото на ЕУ, но и нова заштитна клаузула.

Таквата клаузула би имала поширок опфат од досегашните механизми вградени во претходните договори за пристапување. Таа би му овозможила на Брисел да преземе заштитни мерки доколку нова земја-членка покаже сериозни слабости во заштитата на европските вредности, владеењето на правото, демократските принципи или слободата на медиумите.

Дополнително, потписниците на документот сметаат дека учеството во Европското јавно обвинителство треба да стане политички предуслов за пристапување на идните земји-членки. Со тоа, ЕУ би се обидела однапред да обезбеди поголема контрола врз борбата против корупцијата и злоупотребата на европските фондови.

Овој нон-пејпер доаѓа само неколку дена по германско-францускиот предлог за постепено приближување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија. Во заедничкиот документ на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон се предлага нов пристап со кој би се намалиле прекумерно формализираните пречки и би се поедноставила сегашната методологија на пристапниот процес.

Практично, ЕУ сè појасно испраќа сигнал дека проширувањето останува на маса, но не по старите правила. Наместо класичен модел во кој земјите стануваат полноправни членки со сите права од првиот ден, сè повеќе се разговара за постепен, условен и контролирано надгледуван прием.

За земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, ова отвора нова дилема: дали новите предлози ќе го забрзаат патот кон ЕУ или ќе создадат уште еден слој услови пред вистинското членство.

The post БРИСЕЛ ПОДГОТВУВА НОВА ЗАМКА ИЛИ НОВА ЗАШТИТА: ЌЕ ИМА ЛИ ЧЛЕНСТВО БЕЗ ЦЕЛОСНА МОЌ? appeared first on Politika.