„Фазна интеграција“ е најновото име за најстарата политика на Брисел кон Западен Балкан – чекајте уште малку. Зад новата терминологија не се крие историски исчекор, туку признавање на реалноста дека Европската Унија нема политичка подготвеност за нов бран полноправни членки.

Наместо членство, сега се нуди постепено интегрирање. Наместо место на масата каде што се носат одлуките, се нуди можност да се биде поблиску до масата. Наместо еднакви права, делумен пристап до одредени политики и фондови. Со други зборови, старата политика на одложување добива ново име и ново пакување.

Парадоксот е што земјите од регионот веќе со години живеат токму таков модел. Ги отвораат своите пазари, ги усогласуваат законите со европското законодавство, ги спроведуваат реформите и ги прифаќаат европските правила без да имаат право на глас во институциите на Унијата. Затоа, за многумина, „фазната интеграција“ не е нова понуда, туку официјализирање на статусот на вечен кандидат.

Во таков контекст, изјавата на потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски дека Македонија треба позитивно да пристапи кон оваа идеја отвора дебата дали државата треба да прифати уште една меѓустаница на патот кон ЕУ или да бара појасни гаранции за конечната цел.

Милошоски оцени дека предлогот што доаѓа од Франција и Германија е реален и искрен бидејќи ја отсликува актуелната состојба во Европската Унија, каде што интересот за прием на нови полноправни членки не е на нивото од пред една или две децении.

Според него, наместо статус кво, европските партнери нудат модел на постепено вклучување на земјите кандидати во одредени европски политики и сектори, во зависност од исполнувањето на стандардите и реформските обврски.

Тој смета дека Македонија треба да влезе во разговори за ваквиот модел на интегрирање и да го искористи како преоден период до моментот кога во самата Унија ќе се создадат услови за полноправно членство.

Осврнувајќи се на перспективите на земјите од регионот, Милошоски посочи дека според проценките кои циркулираат во европските кругови, Црна Гора има најголеми шанси прва да стигне до членство, додека останатите држави најверојатно ќе се движат низ моделот на постепена интеграција.

Тој ја нагласи и важноста на регионалната соработка, оценувајќи дека подобрата поврзаност меѓу земјите од Југоисточна Европа може да придонесе за побрз економски развој и полесна комуникација со Европската Унија.

Посебно беше истакната идејата за заеднички регионален и европски пазар како можност за поголема економска интеграција и подобро искористување на потенцијалите на регионот.

Сепак, суштинската дилема останува иста: дали фазната интеграција е чекор поблиску до ЕУ или само порафинирана верзија на политиката „уште не сте подготвени“? За државите кои со децении слушаат ветувања за европска иднина, новите термини сè потешко создаваат впечаток на напредок. Наместо нова стратегија за проширување, многумина во регионот гледаат обид да се управува со разочарувањето од фактот дека Унијата денес е многу повеќе заинтересирана за интеграција без членство, отколку за вистинско проширување.

The post БРИСЕЛ ИЗМИСЛИ НОВ ЗБОР ЗА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ЧЛЕНСТВОТО: „ФАЗНА ИНТЕГРАЦИЈА“ – ДИПЛОМАТСКИ ТЕРМИН ЗА БЕСКОНЕЧНО ЧЕКАЊЕ? appeared first on Politika.