
Советот на ЕУ денеска ја усвои уредбата со која се воспоставува нова рамка за заштита на пазарот на челик во Унијата од негативните влијанија на глобалните прекумерни капацитети во овој сектор. Со уредбата, која ќе започне да се применува од 1 јули, се воведуваат ревидирани царини и квоти.
Новата рамка е предвидена со Акцискиот план за челик и метали од 2025 година, а новите правила ќе ги заменат оние што истекуваат на 30 јуни, со што ќе се обезбеди континуитет во заштитата на секторот.
Министерот за енергетика, трговија и индустрија на Кипар, Микаел Дамијанос, истакна дека челикот е неопходен за европската индустриска база, нејзината зелена транзиција и безбедноста.
„Со усвојувањето на оваа уредба, Унијата воспоставува посилна рамка за реагирање на нарушувањата на светскиот пазар, заштита на фер конкуренцијата и обезбедување поголема сигурност за производителите на челик и индустриите“, изјави министерот на земјата која во моментов претседава со ЕУ.
Како што наведува Советот на ЕУ, ревидираниот систем на царински квоти (TRQ) вклучува намалување на увозните квоти и зголемување на царините за увозот што ги надминува овие квоти.
Системот исто така обезбедува поголема флексибилност за економските оператори, бидејќи овозможува пренос на неискористените квоти од еден квартал во следниот во рамките на истата година. Истовремено, со ова се осигурува соодветно снабдување на индустриите и се зачувува компатибилноста со меѓународните трговски обврски на ЕУ.
Во заедничката декларација што ја придружува уредбата, Советот, Европскиот парламент и Европската комисија ја потврдија својата посветеност за намалување на економската зависност од Русија, нагласувајќи ги континуираните напори за диверзификација на увозот на челик, со постепено укинување на руските челични производи.
Индустријата за челик во ЕУ е трет по големина производител во светот, која вработува околу 300.000 луѓе и ги поддржува регионалните економии ширум блокот.
Оваа индустрија во моментов се соочува со огромен притисок од неодржливите глобални прекумерни капацитети, за кои се прогнозира дека до следната година ќе пораснат на 721 милион тони, што е за повеќе од петпати над годишната потрошувачка на ЕУ.