
Европската комисија покрена проверка на планираното купување на компанијата Ворнер Брос Дискавери од страна на американската медиумска групација Парамаунт Скајденс, вредно околу 110 милијарди долари, во рамките на регулативите на Европската Унија за странски субвенции, покажува денеска објавената документација на ЕУ.
Европската комисија до 14 јули ќе одлучи дали ќе ја одобри трансакцијата или ќе отвори детална истрага која би можела да трае дополнителни 90 работни денови, пренесе Ројтерс.
Предложеното преземање финансиски е поддржано од државните инвестициски фондови од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар. Поради ова, тоа е предмет на разгледување според правилата на ЕУ наменети за спречување на можно нарушување на пазарната конкуренција како резултат на странски државни субвенции.