Бранот дојави за бомби што во четвртокот предизвика големи нарушувања во европскиот воздушен сообраќај продолжи и во петокот. Најновата безбедносна тревога е забележана на летот на „Рајанер“ (Ryanair) од Рим за Лисабон, откако португалската полиција добила предупредување за можна експлозивна направа во авионот.

Нов случај на закана за бомба е забележан во петок наутро на летот на „Рајанер“ кој од Рим пристигнал во португалскиот главен град Лисабон, известува Euronews.

Според пишувањето на CNN Portugal, португалската Полиција за јавна безбедност (PSP) добила телефонски повик од лице кое се претставило како службеник на орган за спроведување на законот, кое предупредило за можна експлозивна направа во авионот. Идентитетот на повикувачот наводно го проверила португалската правосудна полиција (PJ).

Авионот слетал на лисабонскиот аеродром „Умберто Делгадо“ малку пред осум часот наутро по локално време. Надлежните служби ја истражуваат заканата, но засега нема потврда дека во авионот е пронајден експлозив.

Најновата тревога доаѓа откако во четвртокот Европа ја зафати низа дојави за бомби, поради кои одделни авиони мораа да ја променат својата рута, а во некои случаи беа ангажирани и воени авиони. Според најновите податоци што ги пренесува Euronews, со безбедносните закани беа погодени најмалку 25 летови низ цела Европа.

Еден од посериозните инциденти беше забележан на летот на „Аер Лингус“ (Aer Lingus) од Даблин за Рим. Авионот поради дојава за бомба беше пренасочен во француската воена база Евре (Évreux), каде што безбедно слета под придружба на воени авиони.

Дојави беа забележани и на летовите кон Прага, Софија, Виена и други европски дестинации. Досегашните проверки покажаа дека заканите од четвртокот биле лажни.

Поради големиот број дојави што речиси истовремено ги погодија европските аеродроми, се отвори прашањето дали заканите се дел од координирана акција. Официјалните лица од Европската Унија предупредуваат дека е сè уште прерано да се заклучи дали постои поврзаност меѓу инцидентите.

Во меѓувреме, португалските власти продолжуваат да ја проверуваат најновата дојава. Euronews наведува дека лисабонскиот аеродром не сакал да го коментира случајот, туку ги упатил новинарите до полицијата PSP, која во моментот на објавата сè уште го немаше официјално потврдено пријавениот инцидент.