Брачен пар од Македонија, кој живее во Белгија, е фатен во обид за криумчарење голема количина златен накит, кој бил откриен и запленет од царинските службеници на граничниот премин Табановце.

При влез во државата, царинските службеници спречиле обид за нелегално внесување на 348 грама златен накит, чија вредност се проценува на околу 1,3 милиони денари.

Случајот бил откриен при детална контрола на автомобилот со кој патувале сопружниците, македонски државјани со живеалиште во Белгија. Во чантата на сопатничката биле пронајдени 26 парчиња златен накит.

Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднело кривична пријава против жената за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво согласно Кривичниот законик, информираат од Царинската управа.

Од институцијата додаваат дека во текот на оваа година се откриени 13 случаи на криумчарење злато, при што се запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.

The post Брачен пар од Македонија фатен со златен накит вреден 1,3 милиони денари appeared first on Прва Скопска ТВ.