Заштитата на критичната енергетска инфраструктура мора да биде постојан приоритет, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на настанот „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од проценка до отпорност – Патоказ за Енергетскиот CSIRT“. Божиновска нагласи дека сигурноста на енергетскиот систем е важна за снабдувањето на домаќинствата, работењето на компаниите и непреченото функционирање на јавните услуги. Дигитализацијата, посочи таа, отвора нови можности, но носи и ризици што бараат постојано зајакнување на заштитата. Во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а со поддршка од Владата на Република Словачка, изработена е Методологија за воспоставување секторски Енергетски CSIRT, специјализиран тим за одговор на сајберинциденти. Подготвена е и сеопфатна проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор, која содржи конкретни препораки за понатамошно дејствување. Според Божиновска, целта е навремено препознавање на заканите, побрза реакција при инциденти, подобра координација меѓу надлежните институции и подготвени стручни тимови. Министерката упати благодарност до меѓународните партнери, институциите и експертите, а особено до ИТ-тимот на Министерството за придонесот во овие активности.

The post Божиновска: Заштитата на енергетската инфраструктура од сајберзакани е постојан приоритет appeared first on Politika.