Ниски даноци за партнерски однос, наместо државен терор врз бизнисот - Богојески
Петар Богојески, лидер на Македонски концепт, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ претстави амбициозна економска платформа под мотото „Твоите пари и твојата слобода“, испраќајќи јасна порака дека на Македонија ѝ е потребен нов економски курс заснован на слободен пазар, ниски даноци и поголема финансиска слобода за граѓаните.
Богојески нагласи дека главните економски предизвици со кои се соочува државата произлегуваат од ограничената конкуренција и долгогодишните монополски практики кои, според него, го кочат развојот и го намалуваат животниот стандард на граѓаните. Тој оцени дека вистинскиот напредок може да се постигне само преку отворање на пазарот за нови инвеститори и создавање услови за здрава конкуренција.
„Македонија има огромен потенцијал, но потребни се храбри реформи кои ќе ја ослободат економијата од ограничувањата што со години ја држат во место. Нашата цел е граѓаните да располагаат со повеќе од сопствените пари, а компаниите да имаат простор за раст и развој“, истакна Богојески.
Централно место во програмата на Македонски концепт зазема политиката на ниски даноци и поедноставени административни процедури. Според Богојески, ваквиот пристап ќе придонесе за намалување на сивата економија, зголемување на инвестициите и создавање поповолна деловна клима.
Тој смета дека државата треба да гради партнерски однос со бизнис-заедницата, наместо преку прекумерни регулативи и административни бариери да го ограничува нејзиниот развој. Со пониски даночни оптоварувања, компаниите би имале повеќе можности за нови вработувања, повисоки плати и дополнителни инвестиции во сопствениот раст.
Во своето обраќање, Богојески посебен акцент стави на младите професионалци од ИТ секторот и фриленсерите, кои денес се меѓу најконкурентните македонски кадри на глобалниот пазар. Според него, актуелните административни и финансиски ограничувања ги принудуваат многумина своите деловни активности да ги префрлаат надвор од државата.
Со кампањата „Твоите пари и твојата слобода“, Македонски концепт испраќа порака дека иднината на државата треба да се темели на економска слобода, поттикнување на претприемништвото и создавање услови во кои трудот, знаењето и иницијативата ќе бидат вистински вреднувани. Според Богојески, токму таквиот пристап може да донесе посилен економски раст, повисок животен стандард и поголеми перспективи за младите генерации. [embed]https://www.youtube.com/live/cTrPdlZLgoQ?si=AHIaTpmP3uQWRNoW[/embed]„Нашите млади луѓе успешно работат за најголемите светски компании, но системот не им нуди доволно можности да го развиваат својот бизнис дома. Потребни се модерни финансиски решенија, дигитализација и политики кои ќе ги мотивираат да инвестираат и да создаваат вредност токму во Македонија“, порача Богојески.
The post БОГОЈЕСКИ: МЛАДИТЕ И БИЗНИСОТ ЗАСЛУЖУВААТ СЛОБОДА, А НЕ БИРОКРАТСКИ ПРЕЧКИ appeared first on Politika.