Новиот систем за евиденција на влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија значително го продолжи времето потребно за поминување на граничната контрола за државјаните на земји кои не се членки на ЕУ. Според директорот на главниот аеродром во Рим, времето за проверка на британските патници е речиси тројно подолго, и покрај направените подобрувања.
Авиокомпанијата „Рајанер“ ги предупреди патниците кои летово патуваат во Европа да пристигнуваат порано поради очекуваните долги редици. Од аеродромот во португалскиот град Фаро признаваат дека системот сè уште има софтверски проблеми, но очекуваат ситуацијата наскоро да се стабилизира.
Европската комисија соопшти дека нарушувањата на повеќето аеродроми се ограничени и најави дека ќе продолжи да им помага на земјите членки во спроведувањето на системот. Новиот ЕЕС бара од државјаните на трети земји при влез во Шенген зоната да остават отпечатоци од прсти и фотографија од лицето, а истите податоци повторно се проверуваат при излез. Постапката се спроведува преку специјални киосци или директно од граничната полиција во одредени случаи.
На некои европски аеродроми веќе се регистрирани повеќечасовни чекања, а дел од патниците ги пропуштиле своите летови. Турист од Велика Британија изјавил дека во Рим чекал речиси два часа за да ја помине граничната контрола со своето семејство. Друг патник од САД рекол дека поради едночасовното чекање го пропуштил организираниот превоз. Патници кои пристигнале во Барселона сведочат дека чекале речиси 50 минути бидејќи дел од уредите не функционирале. Новиот систем постепено се воведува од октомври со цел подобра контрола на надворешните граници на Шенген зоната.
The post Блокирани аеродроми и гранични премини, новиот ЕЕС систем се уште прави големи проблеми appeared first on Скопско ЕХО.