
Не престануваат реакциите по скандалозниот билборд на влезот на Скопје, направен со ВИ со коњот Букефал со пет нозе, лимен човек што личи на Александар Македонски и непостоечка црква. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека Градот ништо нема да плати за променатаа и дека тоа ќе го надокнади компанијата која го изработила. Нејзиното име не го соопшти, но не пропушти да ја нападне опозицијата. „Кој работи и греши“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
Советниците во Советот на Град Скопје обвинуваат за аматеризам и фушерај. Дел од нив сметаат дека самата идеја да се постави билборд за добредојде со кој ќе се промовираат вистинските убавини на Скопје е добра, но реализацијата е крајно аматерска.
„Не е проблемот само во крајниот изглед, туку во системскиот пропуст: како е можно да се дозволи објавување на толку непрофесионално решение без никаква претходна проверка од надлежните служби? Ова е огледало на работењето во Градот – површност и недостаток на сериозен пристап при креирањето на првата слика што ја добиваат посетителите на нашиот град, за која јавноста оцени дека е без душа и знаење бидејќи е креирана со вештачка интелегенција“, вели за „Локално“, координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Катерина Цаневска.

Катерина Цаневска/Фото: СДСМ
Цаневска смета дека е добро е што по острите реакции на јавноста конечно се реагираше и се упати извинување, но тоа не ја анулира одговорноста за пропустот. Советничката истакнува дека згора на се и на коригираниот билборд има јазична грешка.
„Литературно македонски се вели- добредојдовте, а не добре дојдовте како што стои на новиот билборд. Загрижувачки е што градоначалникот, наместо да преземе одговорност за работата на неговата администрација, во своето извинување повторно бараше виновници во другите, сведувајќи го овој сериозен инцидент само на една обична „печатна грешка“. Како советничка група, ќе инсистираме на отчетност: кој ја дозволи оваа непрофесионалност и колку средства се потрошени за вака аматерски изработени проекти кои потоа мора да се менуваат преку ноќ? Секако дека ќе побараме одговорност“, информира Цаневска.
Запрашана дали смета дека треба поголема транспарентност околу имињата на избраните фирми под капата на Град Скопје, во случајов изработувачот кој го создаде дизајнерското решение и постави билбордот, соговорничката потенцира дека транспарентноста мора да биде правило, а не исклучок, особено кога се трошат јавни пари. Според нејзините зборови, јавноста има право да знае кој стои зад секое идејно решение што ја менува визуелната слика на градот.
„Сведоци сме на нетранспарентни постапки каде критериумите за избор на фирми се нејасни, а одговорноста се префрла од еден на друг. Бараме од градската администрација јавно да ги обелодени договорите и критериумите врз основа на кои се избрани изработувачите. Скопје заслужува сериозни проекти и професионални решенија, а не импровизации кои потоа мора да се правдаат како технички пропусти“, ни рече Цаневска, потсетувајќи дека транспарентноста е слаба алка во финкционирање на градот.

Фото: Фејсбук/Левица
„Мнозинството во Советот без дискусија, иако жестоко реагиравме, баз биографија и карактеристики си изгласа ВД членови на Управните и Надзорните одбори во Јавните претпријатија и во Училишните одбори во средните училишта кои меѓу другото ги бираат директорите“, појасни координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Уште една советничка во Градскиот совет вели дека не е изненадена од случката со билбордот. Катерина Јовановска од Левица вели дека за ова алармирала и на минатата седница кога, како што вели, истакнала дека граѓаните ги надраснаа политичарите одамна. Според неа, граѓаните сакаат ренесанса во Скопје и во државата воопшто, додека политичарите од власта не размислуваат за тоа.
„Се додека може да се направи рил и добар ПР, не е важен квалитетот – така размислуваат. Па видете ги само фонтаните за пиење вода (или чешми како што сега ги викаат) и се ќе ви биде јасно“, рече Јовановска за „Локално“.
Во однос на фирмите со кои што работи градската власт, секако е потребна поголема транспарентност, констатира Јовановска.

Катерина Јовановска/Фото: Фејсбук
„Ниту ние советниците не знаеме по кој критериум и како се избираат, но поважно е што нема никаков критериум ниту за квалитетот на сработеното. Со самото тоа што градоначалникот ретерираше откако јавноста бурано реагираше јасно е дека поважен е ПР-от отколку нешто навистина да се сработи како што треба. Не сум изненадена ниту од ароганцијата на градоначалникот кој наместо да влече поуки од тоа како треба и како не треба да се работи, ја обвинува опозицијата затоа што реагирала“, потенцира советничката, додавајќи дека се надевам пред се како граѓанин на Скопје, а потоа и како советничка дека новата градска власт на чело со градоначалникот Ѓорѓиевски во најкус може рок ќе научи дека кога се работи, онака вистински, од срце и со квалитет не е потребен ПР.
„Квалитетот е ПР сам за себе и многу поголем од било кој рил“, заклучува координаторката на советничката група на Левица во Советот на Град Скопје.
Од опозицијата денеска повторно побараа одговори. Бараат Ѓорѓиевски веднаш да ги објави податоците за фирмата.
„Како оваа фирма ја добила работата? Дали е спроведена јавна набавка? Колку е платено за графичкото решение и за поставувањето на билбордот? Дали Град Скопје плаќа за AI-генериран срам? Исто така, градоначалникот треба да открие колку тендери досега добила оваа фирма и кој стои зад неа“, прашаа од СДСМ.
Според нив, според правилата за јавни набавки, за лошо извршена работа се издава негативна референца, која носи исклучување од учество во јавни набавки од 1 до 5 години. „Досега нема информација дали на оваа фирма ѝ е издадена негативна референца или пак ќе продолжи да добива пари од буџетот на Град Скопје“, констатира СДСМ.
На новиот билборд „Добре дојдовте во Скопје“ има фотографии од кулата на скопското Кале, Камениот мост на реката Вардар, кањонот Матка, Старата скопска чаршија и споменикот „Воин на коњ“. Истиот билборд е поставен и на излезот од градот, но таму пишува „Скопје ви посакува среќен пат“.