„Процесот на дигитализација во државата во последниот период почнува да има добра динамика. Секако, како и секој долготраен и комплексен процес потребно е да се помине и низ „детските болести“ како на пример: дали дигиталниот документ има еднаква важност со хартиениот, дали процесот може дополнително да се оптимизира и слично“, вели во интервју за „Локално“, Владислав Бидиков, експерт за сајбер-безбедност на тема сајбер-безбедност во Македонија, дигитализацијата и вештачката интелигенција.

Според Бидиков, нема недостиг на технологија, дури имаме позитивни примери каде што македонските ИТ-компании се добро познати во регионот и пошироко во однос на имплементација на значајни проекти. Смета дека поединечните потешкотии во институциите кога ќе се случат, често се поврзани со недостаток на искуство или соодветни бизнис-анализи во однос на специфичните потреби за софтверското решение.

„За жал се уште сајбер-безбедноста во Македонија се третира како дополнителен трошок – вклучително и во приватните компании. Постои одредено подобрување за кое значително влијание има Законот за заштита на мрежни системи односно тоа што евопската директива „NIS2“ беше имплементирана во законот“, вели Бидиков, запрашан дали во Македонија сајбер-безбедноста сè уште се третира како дополнителен трошок што треба да се оправда пред финансиските служби…

Експертот посочува дека Македонија е зависна од водечките технолошки компании и тоа е нешто што не можеме да го промениме и дека зависноста е присутна и кај сите европски земји од технолошки гиганти во САД, но и обратно.

Кога ќе ја тргнеме политичката реторика за дигитална трансформација, како од стручна перспектива би го оцениле реалното ниво на дигитализација во Македонија? Дали зборуваме за суштинска трансформација на државата или за делумна електронизација на постојните административни процеси?

-Процесот на дигитализација во државата во последниот период почнува да има добра динамика. Секако, како и секој долготраен и комплексен процес потребно е да се помине и низ „детските болести“ како на пример: дали дигиталниот документ има еднаква важност со хартиениот, дали процесот може дополнително да се оптимизира и слично. Дигитализацијата е комплексен процес и вклучува многу различни фактори: техничко-технолошки, човечки капацитети, навика на граѓаните да ги користат овие нови начини на добивање на документи или одвивање на процесите. Како класичен пример за ова последните 10 години е примерот со плаќање на сметките за комунални услуги по електронски пат кои сите ние веќе го сметаме за нормален процес, но голем дел од граѓаните „за секој случај“ ги печатат на хартија и сметките и потврдите за плаќање иако плаќањето е извршено со платежна картичка.

Дали Македонија има проблем со недостиг на технологија или со начинот на кој ги планира, набавува и имплементира дигиталните решенија? Колку често се случува институциите да набават софтвер, а притоа да немаат кадар, процедури и капацитети за негово долгорочно одржување?

-Недостиг на технологија нема, дури имаме позитивни примери каде што македонските ИТ-компании се добро познати во регионот и пошироко во однос на имплементација на значајни проекти. Поединечните потешкотии во институциите кога ќе се случат често се поврзани со недостаток на искуство или соодветни бизнис анализи во однос на специфичните потреби за софтверското решение. Скоро секогаш како непишано правило во ИКТ важи претпоставката дека „нема решение кое одговара за сите потреби“, па секогаш при планирање на проектите се препорачува да се разгледаат искуствата при имплементација на слични проекти во слични организации. Имплементацијата на квалитетно решение многу често значи дека значителен дел од времето и ресурсите треба да се насочат кон доброто планирање за да потоа импементацијата го следи овој прецизен имплементациски план за соодветната институција. Затоа, имплементацијата на комплексни системи бара и широка дискусија со релевантни експерти за технологија со цел навремено и квалитетно планирање на процесот.

Дали постои опасност Македонија да создаде привид на дигитална модернизација, додека зад електронските портали и апликации продолжуваат да функционираат застарени системи, рачни постапки и небезбедни бази на податоци?

-Ако процесот на дигитализација се прави согласно добрите пракси, сите овие предизвици ќе бидат опфатени како ризици при имплементацијата и решението ќе предвиди соодветни технолошки процеси кои ќе ги намалат ваквите неповолни влијанија. Процесите на дигитализација по дефиниција се циклични – прво треба да го дигитализирате процесот согласно потребите при што активностите треба да го следат процесот без да се менува, потоа треба да имате соодветно користење на овој дигитален процес каде што ќе ги измерите параметрите на квалитет (т.н КПИ параметри) по што циклично на одреден период ќе видите дали можете со дополнителни оптимизации на процесот или со дополнителни напредни технологии да го подобрите.

Колку средства годишно би требало да издвојува Македонија за дигитална трансформација и сајбер-безбедност, ако сака да достигне ниво споредливо со поразвиените земји во регионот? Дали постојните инвестиции се доволни за ризиците со кои се соочуваме?

-Ова прашање може да има два одговори – еден базиран на математика каде што можеме да кажеме некоја цифра која ќе ја пресметаме статистички од вредностите на земјите кон кои тежнееме. Јас повеќе сакам да сум прагматичен и да кажам дека инвестицијата на средства на годишно ниво во овие 2 сосема засебни категории: дигитална трансфoрмација и сајбер-безбедност, треба да се на ниво за да постепено и плански во некој разумен период од 2-5 години да дојде до исполнување на соодветни планирани стратешки цели. Кога се дискутира за финансискиот елемент на овие стратешки цели, битно е да се има во предвид дека „имањето на неограничени финансиски ресурси“ не се сами по себе доволни за успешност на процесот. Дигиталната трансформација и сајбер безбедноста се две области каде што финансиската компонента е еден од факторите кој го движи процесот, но не е единствен и најчесто има дополнителни фактори кои се поврзани со легислативата, човечкиот фактор, технолошкиот развој во светот и слично. Како пример би го напоменал влијанието на вештачката интелигенција во сајбер-безбедноста – каде што имаме тектонско поместување на технолошко ниво кое има и финансиски и технолошки импликации.

Дали во Македонија сајбер-безбедноста сè уште се третира како дополнителен трошок што треба да се оправда пред финансиските служби, наместо како неопходен дел од секоја инвестиција во информациски систем?

-За жал се уште сајбер-безбедноста во Македонија се третира како дополнителен трошок – вклучително и во приватните компании. Постои одредено подобрување за кое значително влијание има Законот за заштита на мрежни системи односно тоа што европската директива „NIS2“ беше имплементирана во законот. Сепак, тоа се процеси за кои повторно ќе треба време и ресурси и повторно финансиите се само еден од елементите, но според мене човечкиот фактор и инвестициите во градење на значително човечки капацитети треба да овозможат сајбер-безбедноста да биде „вградена“ во животниот циклус на секој ИТ систем.

Колку Македонија е зависна од странски компании за одржување на критичните дигитални системи? Дали имаме доволно домашни експерти што можат самостојно да ги управуваат и заштитуваат тие системи, или во клучни моменти зависиме од надворешни добавувачи?

-Македонија е зависна од водечките технолошки компании и тоа е нешто што не можеме да го промениме. Оваа зависност е присутна и кај сите европски земји од технолошки гиганти во САД, но и обратно. Имаме доволно домашни експерти за да можеме долгорочно да изградиме дигитален суверенитет со цел самостојно да ги управуваме и заштитуваме критичните дигитални системи. За да овој процес значително се забрза, сметам дека домашните ИТ компании мораат да развијат чувство за поголема вредност во инвестицијата и имплементацијата на македонските проекти. Повеќето европски држави имаат многу развиен екосистем каде што водечките ИТ-компании од државата значително придонесуваат во дигиталниот суверенитет и имплементацијата на националните и критичните дигитални системи.

Ако се компромитираат податоци поврзани со критична инфраструктура — електроенергетскиот систем, водоснабдувањето, телекомуникациите или транспортот — кога сајбер-инцидентот престанува да биде ИТ-проблем и станува прашање на национална безбедност?

-Оваа дискусија само по себе може да биде тема за детална суштинска анализа. Искуството вели дека навременото препознавање на обичниот ИТ-проблем и неговото понатаможно влијание заедно со користење на методологија за соодветна проценка на ризиците треба да даде јасна слика кога одреден ИТ-настан станува сајбер-инцидент во рамките на правниот субјект. Оттука, согласно важноста на тој правен субјект во рамките на системот на критична инфраструктура и тесната соработка со останатите чинители и соодветните ЦСИРТ тимови за соодветен одговор, постои јасна методологија како сајбер-инцидентот може да прерасне во значаен сајбер-инцидент кој потоа може да стане и прашање на национална безбедност.

Со развојот на вештачката интелигенција, фишинг-пораките, лажните гласовни снимки и измамите стануваат сè потешки за препознавање. Дали институциите и компаниите во Македонија ги приспособуваат безбедносните практики на овие закани или сè уште се потпираат на пристапи од пред десет години?

-Компаниите и институциите во Македонија генерално ги следат технолошките движења во однос на безбеднсните практики. Во некои области поради присуството на силна регулациска легислатива како на пример банкарскиот сектор, скоро и нема разлика во технолошките мерки и безбедносни практики во Македонија во однос на тие во ЕУ или САД. Во одредени сектори овој процес е побавен, но повторно е поврзан со имањето на ресурси односно зинансиски и човечки капацитет во тој цикличен процес на подобрување на дигиталните процеси.

Н.П.