Градската библиотека „Благој Јанков Мучето“ од Струмица и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ја официјализираа својата соработка со потпишување меморандум, чија цел е унапредување на културните активности, размена на искуства и реализација на заеднички проекти.

Меморандумот денеска во Охрид го потпишаа директорките на двете институции, Васка Кирова и Христина Трпеска.

Со документот се предвидува соработка во повеќе области, меѓу кои промоција на културата и уметноста, развој на младинските активности, издаваштвото, поттикнување на читањето и креативното пишување, како и поддршка на нови автори.

Двете библиотеки ќе соработуваат и преку организирање заеднички културни настани, трибини, работилници и изложби, со посебен акцент на вклучување лица од различни категории и поттикнување на нивната општествена инклузија.

Меморандумот предвидува и активности насочени кон промоција на културното наследство и зачувување на нематеријалното културно богатство, како и размена на професионални искуства меѓу вработените во двете институции.

Од библиотеките очекуваат воспоставената соработка да придонесе за реализација на заеднички иницијативи, аплицирање за средства од различни фондови, збогатување на културниот живот и поголемо учество на граѓаните, особено младите, во културните и општествените процеси.

The post Библиотеките од Струмица и Охрид потпишаа меморандум за соработка appeared first on Radio StrumicaNet.