Новиот бран дојави за бомби предизвика безбедносни узбуни во европскиот воздушен сообраќај. Патнички авион на лет од Даблин кон Рим е пренасочен кон француска воена база со придружба на воени авиони, додека закани се пријавени и на летовите кон Италија, Австрија, Чешка и Бугарија.

Серија дојави за бомби во четвртокот предизвика безбедносни интервенции на повеќе европски летови, само два дена откако десетина авиони беа погодени од слични закани, наведува „Еуроњуз“ (Euronews).

Еден од најсериозните инциденти се случи на летот на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“ (Aer Lingus) од Даблин кон Рим. Авионот „Ербас А320“ (Airbus A320) беше пренасочен кон француската воена воздухопловна база Евре (Évreux), а француското воено воздухопловство испрати воени авиони во негова придружба. Француските власти соопштија дека воените авиони биле упатени веднаш штом била примена информацијата за заканата.

„Авионот безбедно слета во Евре. Сите 151 патник и шест членови на екипажот се на безбедно, а екипите за деактивирање експлозивни направи се на местото на настанот“, изјави францускиот премиер Себастиен Лекорни (Sébastien Lecornu).

Од неговиот кабинет претходно порачаа дека ситуацијата се следи во реално време, во согласност со предвидените безбедносни процедури.

Безбедносни узбуни се забележани и во Италија. Според италијанските медиуми, дојавите за бомби се однесувале на два лета поврзани со Рим и Милано. Авионот што од Хелсинки леташе кон италијанската престолнина безбедно слета со придружба на италијански борбени авиони.

Сервисот за следење летови „Флајтрадар24“ (Flightradar24) извести дека во моментот на неговата објава ниту еден авион не полетувал од римскиот аеродром Фјумичино.

Причината за нарушувањата тогаш сè уште не беше позната, па не беше потврдено дали е директно поврзана со дојавите за бомби.

Чешката полиција соопшти дека дојави за бомби биле примени за четири авиони што летале кон Прага. Во моментот на објавувањето на информацијата надлежните служби се подготвувале за нивно следење и спроведување безбедносни постапки.

Истовремено, закана беше пријавена и на летот од Хелсинки кон Виена, што го опслужуваше авиокомпанијата „Џеттајм“ (Jettime). Портпаролот на финскиот „Финер“ (Finnair) потврди дека авионот, и покрај дојавата, безбедно слетал во австриската престолнина, без инциденти.

Бугарските власти известија за дојави за бомби на три лета на „Рајанер“ (Ryanair) што во четвртокот требало да слетаат во Софија.

Двата авиона, кои полетаа од Копенхаген и Мадрид, стигнаа на планираното одредиште. Третиот авион, кој леташе од Лондон, беше пренасочен кон Пловдив, соопшти бугарското Министерство за транспорт.

Засега нема потврдување дека на кој било од тие летови е пронајдена експлозивна направа.

Новите закани уследија по серијата слични инциденти во вторник, 3 ноември, кога со дојави за бомби беа погодени десетина комерцијални летови ширум Европа. Поради безбедносни узбуни краткотрајно беше затворен еден аеродром во Варшава, додека во Италија беа ангажирани воени авиони.

Британската влада тогаш инцидентите ги опиша како „злонамерни лажни закани“.

Засега не е познато дали најновите дојави се поврзани со оние од почетокот на неделата ниту кој стои зад нив.

Европските безбедносни служби продолжуваат да ги проверуваат заканите, а надлежните власти засега не известија за пронаоѓање експлозивни направи на летовите погодени од најновите узбуни.