
Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Бесник Џемаили е избран за заменик претседател на ДКСК, функција што ќе ја врши шест месеци.
Изборот на заменик претседател на ДКСК е извршен по принцип на ротација, а редоследот е утврден според азбучен ред на презимињата на членовите на ДКСК, појасни претседателот Адем Чучуљ.
– Мандатот на актуелната заменичка претседателка на ДКСК Софија Спасова Медарска завршува на 18 август, а мандатот на новиот заменик претседател Бесник Џемаили ќе почне на 19 август оваа година, истакна Чучуљ, чиј предлог едногласно беше прифатен.
На денешната седница на ДКСК, претседателот Чучуљ информираше дека Комисијата евидентирала 30 лица кои биле избрани, именувани или им престанал мандатот во април кои не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и судир на интереси во законски рок. За сите лица, истакна Чучуљ, ќе бидат поведени постапки за прекршок и изречени казни.
Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска донесоа 51 одлука за исто толку предмети од познат или непознат подносител на пријава до ДКСК.
Текстот Бесник Џемаили избран за заменик претседател на ДКСК е превземен од А1он.