
По повеќе од четири години војна во Украина, руското Министерство за одбрана предлага закон што ќе го олесни испраќањето на ранетите и болните војници назад на фронтот без целосна здравствена проценка, пренесува денес BBC.
Промената ќе ја официјализира практиката која веќе се применува во некои случаи, каде што болничарите или лекарите самите ги проценуваат војниците наместо воените здравствени комисии.
Врз основа на судските одлуки, BBC на руски јазик заклучи дека правилата за медицински проценки на повредените војници и новите регрути веќе се применуваат недоследно.
Додека се натрупуваат тужбите од регрути кои бараат отпуштање, Министерството за одбрана предлага измена на законот, што веројатно ќе го отежне добивањето на таквите жалби.
Според рускиот закон за „воена должност и воена служба“, постојат две категории на подготвеност на војниците кои можат да доведат до тоа тие да добијат предвремено отпуштање од војската: „неспособни“ и „делумно способни“.
Која категорија е соодветна за повредениот или болен војник треба да одредивоената медицинска комисија составена од лекар, хирург, невролог, психијатар, офталмолог, оториноларинголог, стоматолог и, таму каде што е потребно, други специјалисти.
Овие комисии носат заклучоци врз основа на тестови и прегледи, и можат да го упатат лицето на проценка на клиника или во болница.
Ако војникот е прогласен за неспособен за служба и не сака да остане во војската, тогаш тој се отпушта.
Рускиот сервис на BBC ги идентификува и пребројува руските војници кои загинаа во судирот, во проект со независниот медиум Медијазона.
Во јули, бројот на идентификувани и именувани достигна 233.200, додека вистинските бројки на загинати секако се многу повисоки.
Неодамна, американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS) процени дека имало дури 450.000 смртни случаи кај Русите и 1,4 милиони жртви на боиштето откако Русија ја започна инвазијата во февруари 2022 година.