
Првообвинетиот во случајот „Лотарија“, Перпарим Бајрами, ќе биде пуштен од притвор откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција од 1 милион и 100 илјади евра во недвижен имот.
Одлуката е донесена по предлог на одбраната на Бајрами, поднесен на 14 октомври, за замена на мерката притвор со гаранција.
Судот му определи и дополнителни мерки на претпазливост: одземање на патната исправа, забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница и редовно јавување во Судот.
„Имајќи ги предвид сите околности, Советот ја прифати понудената гаранција, а со цел обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на судската постапка, истовремено му определи и дополнителни мерки за претпазливост“, соопшти Кривичниот суд.
Екс-директорот на „Државна лотарија“ се јави во затворот „Шутка“ на 9 септември годинава, откако избега уште пред да биде отворена истрагата. Притворот му беше определен по неговото предавање на границата Блаце. Според Судот, законскиот рок за траење на притворот во овој предмет истекува на 8 ноември.