
Водата од гостиварскиот водовод не е ниту за пиење, ниту може да се користи како техничка вода за подготовка на храна и пијалоци, изјави на денешната прес конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.
Тој за „Локално“ изјави дека инспектори на Агнецијата деноноќно се на терен и проверуваат дали јавните и приватните објекти кои произведуваат, подготвуваат и услужуваат храна и пијалоци имаат техничка вода, која треба сами да ја обезбедат.
-Вчера и денес инспектори од АХВ се на терен и 24 часа работат. Се проверува дали имаат техничка вода. Се она што доаѓа во допир со храна, материјали и кујнски прибори, храната која ќе се приготвува, сендвичарници, кафеани, ресторани, бурекџилници, а кои немаат техничка вода не треба да се консумира. Се она што ќе се најде во овие оператори со храна ќе сносат одговорност и ќе има пријави за финансиски казни, од наша страна, изјави Миланов.
Во насока на превенција тој нагласи дека водата не е ниту за пиење, ниту пак технички ќе биде употреблива се до добивање на лабораториските резултати од земените мостри.
-Треба да биде обезбедена посебна вода, која што е технички безбедна за приготвување на храна во кафетерии каде се служи кафе или чај, без оглед дали се приватни или јавни установи, но не со оваа вода од градскиот водовод, изјави Миланов.
Тој појасни дека вчера заедно со Иинститутот за јавно здравје зеле мостри за испитување на водата од повеќе јавни чешми во градот, како и од чешмите во кујните на детските градинки и болницата и дека во текот на денот ќе има информација какви се добиените резултати.
-АХВ и денес продолжува со зголемени инспекциски контроли на сите оператор и производители и услужувачи со храна. Целта на овие засилени мерки е да се утврди изворот на контаминација степенот и обемот на загаденоста, како и да се обезбедат нови релевантни лабораториски податоци врз основа на кои ќе бидат преземени сите натамошни мерки поврзани со случајот, изјави Миланов.
Тој рече дека забраната за користење на водата од градскиот водовод во Гостивар останува на сила се додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е безбедна.
-АХВ ќе продолжи будно да ја следи состојбата и ќе преземе мерки за отстрнување на причините кои довеле до загрозување на здравјето на населението. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат препораките на здравствените власти и локалните власти за водата за пиење се додека не се добијат лабараториски резултати за целосно нормализирање на состојбата, изјави Миланов.
На новинарско прашање како ќе функционира градот со оглед дека Гостивар нема посебна техничка вода која можат граѓаните да ја корситат за работа на ресторани, кафулиња и разни услужни дејности, тој одговори дека Владата најавила дека секојдневно ќе ги снабдува жителите си чиста вода за пиење и дека ако сакаат да работат и тие ќе морада обезбедат соодветно техничка вода.
Основното јавно обвинителство Гостивар синоќа донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица за тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење.
Осомничените се Артана Асани како в. д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Леон Нуредини, технички раководител на сектор за технички работи, и раководителот на одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие Вадедин Дервиши.
Обвинителството вчера ги објави резултатите од Институтот за јавно здравје од земените примероци од површинската вода од отворениот канал, според кои водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл. Во каптираниот извор водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии, и колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл.
E.Б.