
Општина Гостивар и нејзиното јавно претпријатие „Комуналец“ без дозвола поставиле пумпи во отвореното корито за отпадни води, а потоа ги поврзале со главниот цевковод од кој со вода за пиење се снабдува Гостивар. Ова на денешната прес конференција го изјавија директорите на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за животна средина.
Оваа активност според Јавното обвинителство од Гостивар предизвикало загадување на водата во градскиот водовод со колиформни бактерии, од што е загрозено здравјето на над три илјади жители на градот кои изминатите денови побарале лекарска помош.
Ивана Гиновска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина, појасни дека во контролите што ги направиле утврдиле дека пумпите се поставени на диво, без дозвола од Управата за животна средина при Министерството за животна средина. Таа појасни дека дека пумпите не се поставени во првата заштитна линија на изворот во село Вруток.
-За секоја дозвола која е издадена од Министерството за животна средина за секоја промена која сака да ја направи јавното комунално претпријатие, или кое било јавно претпријатие треба да поднесе барање до Управта за животна средина до сектор за води и да го разгледаат истото да биде одобрено или да биде одбиено. Се работи за вода за пиење, станува збор за исклучително санитарни услови и такво барање до Министертвото за животна средина до денес не е пристигнато. За секоја промена се должни да побараат одобрување од Министерството за животна средина., затоа што министерот ја издава дозволата за водоснабдувањето, изјави за „Локално“ Гиновска.
Таа во одговор на новинарско прашање рече дека пумпите биле поставени надвор од првата заштитана зона на изворот во Вруток на оддалеченост од 800 до 900 метри.

Фото: Локално
Основното јавно обвинителство Гостивар вечерва донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица за тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење. Вчера беа уапсени Артана Асани в. д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Леон Нуредини, технички раководител на сектор за технички работи, и раководителот на одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие Вадедин Дервиши под сомнение дека со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во градскиот водовод во Гостивар.
Анализите на водата кои ги направи Институтот за јавно здравје од земените мостри од водоводот, а кои вчера ги објави Обвинителството, водата во градскиот водовод содржела колиформни бактерии, чие количество било 48 пати над дозволеното, а во самата вода за пиење воопшто не е дозволено нивно присуство.
На новинарско прашање, ако според обвинителството загадената вода 22 дена течела во градскиот водовод во Гостивар зошто порано не се направени овие контроли, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов рече дека според договорот на ЈП Комуналец Центарот за јавно здравје од Тетово мостри се земаат секој месец од осум мерни места во градот.
-Последниот пат мостри се земени на 13 јули и според резултатот од анализата што е направена водата била безбедна за пиење, изјави Миланов.
На прашање на „Локално“ кога и како ќе го исчистат водоводниот систем од загадувањето, тој рече дека допрва ќе побараат од Општина Гостивар и од јавното претпријатие да ја третираат водата.
-Очекуваме дека во најкраток временски рок граѓаните на Гостивар ќе добијат техничка вода и вода за пиење. Со тоа што ќе се наложи на Општина Гостивар, бидејќи екипите наши работат, да се направи дехлорирање и деарсенизатор, кој претпоставувам го немале во иминатиот период, тоа е обврска на ЈП Комуналец и самата општина, изјави за „Локално“ Миланов.
Е.Б.