Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, за време на својот говор на Изборното собрание на огранокот на ДУИ во Желино, нагласил дека политичкиот легитимитет произлегува само од резултатите од изборите.

„Оној што ќе ги добие изборите е легитимен претставник. Оној што ќе ги изгуби изборите треба да работи на победа на следните избори. Зошто тогаш Албанците да одат на избори? Кога Христијан може да избере кого сака, кого има за пријател и кого може да влече за уши“, изјавил Ахмети за премиерот Христијан Мицкоски, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик во држаавата.

Неговата изјава е во рамките на политичките пораки што ги кажал на состанокот со партиските структури, каде што зборувал за политичко претставување и почитување на волјата на гласачите.

Ахмети го повторил својот став дека изборите се основа на демократскиот легитимитет и дека нивните резултати мора да бидат почитувани од сите политички партии.

Ахмети нагласил дека изборите треба да се одржат напролет, но додал дека партиските структури треба да бидат подготвени за друго сценарио.

„Треба да има избори напролет, но мора да се подготвиме за есен“, изјавил Ахмети пред членовите и поддржувачите на ДУИ во Желино.

Тој повикал на мобилизација и организирање на партиските структури, оценувајќи дека само преку единство и заедничка посветеност можат да се постигнат политичките цели на партијата.