
По 24 години од основањето на Демократската унија за интеграција, државното знаме на Македонија за првпат е поставено во канцеларијата на лидерот на партијата, Али Ахмети, во Мала Речица. Знамето е видено за време на средбата со австрискиот амбасадор, Мартин Памер.
Во изјава за порталот „Тетова Сот“, Ахмети ги објаснил причините за оваа одлука, нагласувајќи дека отсекогаш бил за унитарна држава и дека поставувањето на државното знаме никогаш не му претставувало проблем.
„Отсекогаш сум бил за унитарна држава. Тоа беше и предлог на странските амбасадори во земјата, бидејќи на средбите со нив ми беше предложено знамето на државата Северна Македонија да биде поставено во мојата канцеларија“, изјавил Ахмети.
Според лидерот на ДУИ, оваа акција е во согласност со верувањето дека државата им припаѓа на сите граѓани и дека државните симболи мора да се почитуваат.
Пред да биде поставено државното знаме, во канцеларијата на Ахмети беа истакнати знамињата на ЕУ, на Албанија и ДУИ.