Долгите листи за чекање се главната прична луѓето место во јавите здравствени установи, здравствена слуга да побараат во приватните болници и амбуланти. Атанас Аврамов, директор на Здружение за здравствени политики и права „Заедно Посилни“, за Локално изјави дека тоа е една од причините, но дека секако на одлуката – каде луѓето ќе се лекуваат, ја носат и поради случаите на корупција, како и поради намалената доверба во јавниот здравствен сектор.

-Услугите кои се достапни во јавно здравствените установи најчесто се достапни и во приватните здравствени установи и обратно и единствената разлика, која е капката која ја прелива чашата за граѓаните да преминат од јавно-здравствените установи кон приватните е чекањето и нивото на квалитет на услугата. Тоа е една од причините кои што се провлекуваат низ години, вели Аврамов.

Тој додава дека чекањето со закажување не само на хируршки зафати, туку и за специјалистички пегледи е подолго и поради тоа луѓето многу често заминуваат во приватна здравствена установа, како и за одредени консултации.

-Тоа не е изненадувачко, бидејќи со години наназад се зборува дека на јавните установи им недостигаат на здравствени работници, односно управувањето на термините за прегледи не се менаџираат добро и од страна на здравствените работници, но и од страна на пациентите. Имаше неколку дискусии за оптимизација на здравството, особено регионализација и оптимизација на Мој Термин, за тоа е почнато да се водат дискусии, но ништо не е реализирано, изјави Аврамов.

Според него сè додека не се направат конкретни чекори за подигнување на квалитетот на услугата и намалување на временските периоди за чекање на здравствени услуги граѓаните ќе заминуваат во приватни здравствени установи. Случаите на корупција во здравството, како и случаите на лекари со фалсификат дипломи и обиди за измами, Аврамов смета дека сe уште една причина за намалената доверба во јавните здравствени установи.

-Тоа влијае многу на мислењето на луѓето, ние се соочуваме со една недоверба на луѓето кон јавните здравствени установи. Чист пример е намалениот опфат на вакцинација против ХПВ, а тоа се должи на недоверба кон здравствениот систем. Така кога има ситуации, кои испливуваат во јавност како што беше случајот со отстранување на репродуктивни органи на пациентка или снимање на пациенти и објавување на Тик Ток, сите тие работи, или плаќање за положување на испити или немање лиценца сите тие работи влијаат во принцип граѓаните да не веруваат во здравствениот систем, рече Аврамов.

Тој објаснува дека анализата на здружението ЕСЕ покажала дека главната причина за недовербата во здравствениот систем е корупцијата во јавното здравство.

-Граѓанинот вели дека ако целата поента е да давам пари, дали тоа ќе биде преку корупција во јавниот здравствена установа или преку плаќање во приватна болница, ќе замине во приватна здравствена установа каде знам дека ќе платам и дека таму ме гледаат исклучив како потрошувач, а не како лице кое учествува во буџетирањето на Фондот. Не е за изненадување, колку повеќе паѓа довербата во јавните здравствен систем, толку луѓе заминуваат да се лекуваат приватно, изјави Аврамов.

За да се врати довербата во здравствениот систем. според него, треба да се адресираат пропусти на самото менаџирање на здравствениот систем од најниски нивоа, од случаи кога лекари требало да одговараат за лекарски грешки и пропусти.

-Свесни сме за случаи на новороденчиња кои умираат многу рано и тоа исклучиво по одредена добра состојба и наеднаш им се влошува состојбата и умираат. Одговорност, но и добро менаџирање и едуцирање на популацијата е потребно. Министерството за образование и наука направи ревизија на концепцијата за образование со што го тргна предметот за сексуално-репродуктивното здравје. Сите тие информации кои што се важни за здравјето на луѓето мора да се преточат во образованието, за да може да немаме толкава скепса кон вакцинација или која и да било информација која доаѓа во здравствениот систем. За време на Ковид некои здравствени работници искажуваа дезинформации околу Ковид пандемијата. Додека нема одговорност на поединци и добро менаџирање на здравстевниот систем кој ќе предизвика помалку плаќање, а поквалитетна услуга, граѓаните нема да имаат доверба во здравствениот систем и ќе одберат да одат на приватно, заклучува Аврамов.

Е.Б.