
Латвиските вооружени сили денеска издадоа предупредување за воздушна закана во нивните региони што граничат со Русија и со Белорусија, барајќи од населението да остане во своите домови.
Потврдено е дека најмалку еден дрон влегол во латвискиот воздушен простор од Русија, изјави портпаролот на војската за Ројтерс. Авиони на НАТО го собориле дронот во латвискиот воздушен простор, соопшти војската.
Воените дронови кои во изминатите недели залутаа во воздушниот простор на Финска, Естонија, Латвија и Литванија, предизвикаа загриженост дека војната во Украина се прелева на северните граници меѓу НАТО и Русија.
Додека Украина ги засилува нападите со долг дострел врз руските пристаништа за испорака на нафта во Балтичкото Море, дел од нејзините дронови ги промашија своите цели, што доведе до безбедносни предупредувања во соседните земји.