Оливер Миланов поднесе оставка од директорската функција во Агенцијата за храна и ветеринарство, а на негово место е назначен Јовица Андовски. Оставката се случува во период на незадоволство кај сточарите поради доцнењето на вакцините против сипаници кај овците и козите. АХВ негира дека притисокот од сточарите бил причина за оставката.

Кадровската промена ја објави Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), чии членови се двајцата функционери. Партијата му се заблагодари на Миланов за досегашното раководење и оцени дека неговиот ангажман претставува основа за идно извршување високи и одговорни должности.

Причините за оставката не беа конкретно образложени во партиското соопштение, ниту Миланов јавно соопшти зошто се повлекува.

Неговото заминување се случува во период кога сточарите се соочуваат со сериозни последици од ширењето на сипаниците кај овците и козите. На истиот ден кога беше објавена оставката, АХВ информираше дека на скопскиот аеродром од Турција пристигнале 400.000 дози вакцини против болеста. Од институцијата најавија спроведување итна вакцинација на територијата на државата, согласно план одобрен од Европската унија.

Според дел од експертите, има повеќе причини за замена на директорското место во АХВ. Екс-директорот на АХВ, Зоран Атансов истакнува дека покрај незадоволството на сточарите за лошото управување со болеста сипаници кај овците и козите, има и други причини како:

-Се поголемото и погласно изразено незадоволство кај сточари, ветеринарните друштва и лабораториите за ненавремена исплата на одземениот добиток и дадени услуги (се доцни со години);

-Прекинување на активностите од Годишната наредба за здравствена заштита на животните (земање на мостри за утврдување на присуство или отсуство на заразни болести кај животните меѓу кои има и болести кои се пренесуваат од животните на луѓето). Ветеринарните друштва и давателите на лабораториски услуги за здравствена заштита на животните се известени дека активностите треба да ги прекинат активностите најдоцна до 30 Октомври 2026 година поради недостаток на финансиски средства, иако кај еден дел од одгледувалиштата со животни сеуште не се спроведени предвидените активности. Со ова се доведува под знак прашалник, како законски ќе се овозможи трговија и движење на овие животни (доколку не е познат здравствениот статус на животните забрането е ветеринарните друштва да издават сертификати за здравствена состојба на животните) и понатаму како за овие животни сточарите ќе ги добијат субвенциите бидејќи неможе да добијат потврда за завршени активности од Годишната наредба за здравствена заштита на животните;

-Пиперките кои завршија на трпезата кај потрошувачите во државата, а беа вратени од Р.Бугарија како небезбедни поради присуство на пестициди над дозволеното ниво, што создаде јавно незадоволство и недоверба кон институцијата и генерално кон Владата на РСМ;

-Недоволно користење на донираните средства од ИПА фондовите.

Атанасов во разговор за „Локално“ потсетува дека Агенцијата не ги искористи одобрените  4,5 милиони евра за изградба на кафилерија и воспоставување на систем за управување и нештетно отстранување на мршите од животни.

„-Второ, Агенцијата ќе изгуби добар дел од финансиските средства кои Европската комисија преку ХАДЕА ги обезбеди за набавка и расфрлање на вакцинални мамки против беснило, со утврдена програма за 2025, 2026 и 2027 година. Сумата на обезбедените средства е околу 3 (три) милиони евра. АХВ за 2025 година доби авансно 30% од средствата (еден милион евра) за набавка и спроведување на активноста, меѓутоа со услов да има пролетно (Април) и есенско (крај на Октомври) расфрлање на вакцината, соодветен мониторинг на успешноста на извршената вакцинација и поттикнување на јавната свест кај луѓето. АХВ пролетната активност  ја спроведе во Септември а есенската во Декември месец, мониторингот не ја спроведен на задоволително ниво (констатирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Р.С.М. во 2026 година, Поглавје 12, Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, каде децидно е наведено „потребно е да се појача мониторингот на болеста Беснило како би се стекнал статус слободна земја од болеста“); Со сигурност може да констатирам дека нема да се искористи планираната сума на финансиски средства од Европската комисија.

-Доцнењето во спроведувањето на обврските по годишниот план за работа на Владата на Р.С.М. (за што АХВ е опоменета за сериозно доцнењето при реализација на истата);

-Доцнење со објавувањето на Годишните наредби за здравствена заштита на животните (наместо во Јануари се објавуваат во Март или Април месец);

-Лошата кадровска политика и друго“, порачува поранешниот директор.

Соговорникот посочува дека со добро управување требало да се спречат последиците од истата, од причина што болеста веќе подолг период е присутна во соседството (Р.Грција 2017, Р.Бугарија 2023 год, Р.Србија 2025 година) и Агенцијата требала да направи проценка на ризик од опасноста на појава на болеста, да има повеќе активности во јакнење на јавната свест од опасноста за појава на болеста како и после појавата на истата и уште еден важен услов, да биле применети во пракса активностите од Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за сипаници кај овци и кози кој е донесен во 2019 година.

Според него, во самиот план е предвидено веднаш по потврдата на присуство на болеста да се формира експертска група која дава стручни совети, го следи ширењето на болеста,  учествува во проценката на ризикот од натамошно ширење и дава мислење на планот за вакцинација.

-Задоцнетата одлука за спроведување на заштитна вакцинација и набавка на вакцина не треба да се правда со можната забрана на извоз на јагнешко и овчо и козјо месо во земјите членки на Европската Унија од причина што Р.С.Македонија е самостална држава и одлуките ги донесува сама, но притоа директорот на АХВ пожелно е да ја запознае Европската комисија за Планот за вакцинација (тој треба да е изработен согласно ЕУ Регулативата 2023/261) и побара да нема забрана за увоз на јагнешко, овчо и козјо месо од страна на Европската комисија. Најважно е што Директорот на АХВ требал во меѓувреме да ја нарача вакцината (механизам-Банка на вакцини), но нарачаната вакцина не ја повлекува до донесувањето на конечната одлука за вакцинација, имајќи предвид дека времето потребно за производство на вакцината е три (3) до шест (6) недели а производната цената на една доза од турската вакцина е 2,73 турски лири. Со ваквата набавка значително ќе се намалил временскиот рок од појавата на болеста до почетокот на вакцинација и штетите ќе беа многу помали, посочува Атанасов.

Поранешниот директор додава и дека реалните последици за сточарите се големи и тие се гледат во намалениот број на животни, добивките од продажба на месо, млеко или сирење и субвенциите кои се доделуват по грло добиток. Според него, последната официјална информација од страна на АХВ е дека се угинати или уништени околу 10.000 овци и кози.

-Директната економска штета се проценува на 1.500.000 евра доколку минималната проценета вредност на една овца е 150 евра (цените на пазар се од 150-1000 евра во зависност од расата, староста,  производната и расплодна кондиција на животното). Неофицијално има гласини дека бројот на угинати и еутаназирани овци и кози е двојно поголем, но останува да ги почекаме официјалните бројки од одговорните институции и дадеме завршната сума на економска штета.

Болеста не е зооноза и не се пренесува од животните на луѓето и не постои опасност по здравјето на потрошувачите доколку конзумират храна добиена од животни заболени од сипаници кај овците и козите. Поради високата смртност и брзото ширење, болеста прави големи економски штети во сточарството, објаснува Атанасов.

Околу тоа, колку често се проверува квалитетот на храната што се продава на домашниот пазар и дали резултатите од контролите се достапни за јавноста, поранешниот директор нагласува дека во моментов Агенцијата има 46 инспектори во одделението за инспекциски надзор за здравствена заштита и благосостојба на животните и 46 инспектори во одделението за инспекциски надзор во ветеринарното јавно здравство, но нема ниеден вработен во одделението за Планови и итни мерки (податоци од веб страната на Агенцијата).

-Вкупната бројка од деведесет и двајца (92) инспектори е доволен број на стручен кадар како и дополнителниот број на лица од други институции (МВР, ЦУК,ДЗС,МЗШВ,Ветеринарни друштва и др.) кои со Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за сипаници кај овци и кози е предвидено да се ангажират при справувањето со болеста преку Националениот центар за контрола на болеста (НЦКБ) и Локалниот центар за контрола на болеста (ЛКЦБ). Лабораториските капацитети во обучениот персонал и опрема се доволни и во тој правец нема проблеми, но недоволно обезбедените финансиски средства од година во година во буџетот на Агенцијата за здравствена заштита на животните претставуваат сериозен проблем, впрочем тоа е наведено и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Р.С.М. во 2026 година, Поглавје 12, Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, наведува Атанасов.

Запрашан дали граѓаните можат со сигурност да знаат дека храната што ја купуваат ги исполнува здравствените стандарди, Атанасов оценува дека Агенцијата е одговорна за контрола на квалитетот на храната во склоп на заштита на правата на потрошувачите. Испитувањата се прават врз основа на проценката на ризик и обезбедените финансиски средства во буџетот на Агенцијата. За жал, смета соговорникот, во последните години буџетот за овие активности е минимален дури незадоволителен за да се спроведат доволен број официјални мостри за испитување на безбедноста и квалитетот на храната со кои Агенцијата ќе потврди дека системот на безбедност на храна функционира.

-Како пример ќе ја наведам Програмата за мониторинг на безбедност на храната каде во последните две години на годишно ниво планирани се по 3.000.000 денари, сума која не е доволна за проверката на одржливоста на системот за безбедност на храната. Загрижува реалноста што поради недоволно обезбедени финансиски средства Агенцијата планира мал број на официјални мостри, но позагрижувачки е што реализацијата на планирани и земени официјални мостри е многу мала и таa е околу 54%. Резултатите од овие испитувања на јавноста може да се видат преку Годишните извештаи за работата на Агенцијата, преку информации достапни до јавноста (записници, решенија,наоди) согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и соопштенијата до јавноста од страна на Агенцијата, заклучува Атанасов.

Н.П.