
Кандидатот на Национална алијанса за интеграција Аркин Јахиј на вториот круг од изборите за градоначалник во Брвеница освоил 4.442 гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Стојанчо Радичевски освоил 4.177 гласови, објави Државната изборна комисија на прес-конференција.
Ова се првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат од сите 24 избирачки места во десетте населени места во општина Брвеница. Во вториот круг од гласањето, излезноста беше 54,29 отсто. Гласале 8.820 од 16.256 запишани избирачи.
Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ на прес-конференцијата изјави дека гласањето минало во фер и демократска атмосфера. Приговори за гласањето може да се поднесат до вторник.
Функционери на ВМРО-ДПМНЕ му ја честитаа победата на Јахиј, но ја обвинија неговата партија за наметнување етнички поделби и за носење гласачи од странство. Став на социјалните мрежи објави и партискиот лидер и премиер, Христијан Мицкоски.
„Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови. Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3 000 на 4 200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1 300, но за жал недоволно за целосна победа. Благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа, сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата. Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа“, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.
Од Брвеница до Алта банка: дали власта се соочува со криза што може да заврши со избори? За дел од аналитичарите во државата, случувањата може да придонесат до одржување на избори, ама и не мора да значи. Според Благојче Атанасоски, тоа на крајот на денот ќе зависи од проценката на власта дали е опортуно да оди на предвремени парламентарни избори на пролет. На крајот на денот, вели тој, 61 е пратеник се секогаш доволни да го распуштите парламентот и да распишете избори, без некоја особена причина.
Запрашан дали доволен показател е Брвеница за промена на расположението кај гласачите, соговорникот за „Локално“ вели дека тоа е евидентно во етничко-албанскиот политички блок. Според него, коалицијата на НАИ околу ДУИ, не само што го победи етничкиот конкурент ВЛЕН, го победи и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг и ја освои Општина Брвеница, а само пред дванаесет месеци, беше трета политичка сила во оваа Општина.
-Тоа може да се отслика и на национално ниво. во однос на ДУИ и ВЛЕН. Во однос на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и понатаму, разликата е ужасно висока од 4.5:1 на штета на опозицијата и оттука не гледам дека има некакво драстично различно променето гласачко однесување во условно кажано македонскиот етнички политички блок, порачува Атанасоски.
Аналитичарот смета дека лидерот на опозицијата Венко Филипче може да побара предвремени парламентарни избори, следствено на резултатите од Брвеница, ама вели дека ќе ги изгуби катастрофално.
-Веќе му се создаде опозицијата во самата опозицијата преку Платформата „12:05“, Левица му е опозициски конкурент, а ЛДП како сериозен политички коалициски партнер со своја специфична тежина, на минатите локални избори, настапи надвор од коалицијата предводена од СДСМ. Сите тие фактори, ќе го доведат до катаклизмичен пораз, веројатно со освоени под 100.000 гласови. Наместо да создава и обединува опозициски фронт за смена на власта, тој се кара со сите неистомисленици во опозицијата и прави непријатели. Тоа е одлика на инфантилен очајнички, наместо на сериозен и искусен лидер на опозиција, оценува Атанасоски, додавајќи дека опозицијата е фрагментирана и денунцирана во очите на јавноста, ако говориме за СДСМ.
-Од друга страна, обидите на Платформата „12:05“, учеството на ЛДП, независни и граѓански листи, заедно со Левица, создава широк опозициски простор за делување кој може да се наметне како „опозиција пред опозицијата“, односно да го земе приматот на СДСМ и вистински да ја предизвика власта и владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ И ВЛЕН во блиска иднина, односно на идните предвремени или редовни парламентарни избори, истакнува Атанасоски.
Околу случајот со Алта банка и колку може да прерасне од финансиски проблем во сериозна политичка криза за Владата, аналитичарот вели дека штом после 63 млади жртви во дискотеката „Пулс“ преку 200 повредени, не се роди автентично -граѓанско движење кое ќе роди општествени промени од долу, случајот со „Алта Банка“ е ништо , за да се очекува дека нешто ќе промени во нашата свест да бараме одговорност.
-Воопшто не ги жалам македонските граѓани. Напротив, сметам дека сето зло што им се случува овие 35 години, наполно го заслужуваат, бидејќи самите учествуваат во него и го легитимираат. Сега, да изигруваат жртви , немаат ама апсолутно никакво морално право. Како граѓани во однос на нашата свест за државотворност, заедништво и социјална емпатија сме невидено дно, затоа има да си ги трпиме сите последици од тоа наше мизерно поведение на подаништво, ропски менталитет и полтронств, дециден е Атанасоски.
Н.П.