Јавен обвинител се уште не го повикал на распит Артан Груби за случајот за злоупотребите во Државна Лотарија, бидејќуи се уште се прибираат докази и се води  истрага. Државниот јавен обвинител Ненад Савески,  на денешниот брифинг објасни дека јавниот обвинител прави истражен план и цени дали и кога треба да го повика осомничениот на соочување со доказите.

-Истрагата трае и кога ќе оцени јавниот обвинител дека е потребно да го повика на распит осомничениот тоа и ќе го направи, изјави Савески.

На прашањето до кога ќе трае истрагата до одлука дали ќе има обвинение или не и што во случај со домашниот притвор во кој се наоѓа Груби, државниот обвинител појасни дека засега може да биде во притвор шест месеци, а ако е потребно истрагата да трае подолго јавниот обвинител може да побара продолжување на мерката за обезбедување.

-Мерката за куќен притвор ќе трае додека трае истрагата или додека има потреба. Секако јавниот обвинител може да бара продолжување  на притворот но дали ќе биде одобрен ќе зависи од судот, изјави Савески.

Груби, кој се врати во земјава на 23 февруари по повеќе од 14 месеци бегство, е првоосомничен во случајот за сомнителни набавки на апарати за видео-лотарија (ВЛТ), со кои според проценките на МВР, државниот буџет бил оштетен за повеќе од осум милиони евра.

И покрај тоа што за вакви дела вообичаено се одредува затворски притвор, во случајот на Груби беше одреден куќен притвор поради безбедносните сознанија на АНБ и МВР за можни закани по неговиот живот, вклучително и разузнавачки информации за ангажирање платени убијци од соседна држава.

Е.Б.