Аналитичарот Петар Арсовски во вчерашното гостување во „Аргумент плус“ на „ТВ 24“ потенцираше дека по посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, повеќе не постои простор за очекувања дека условите за напредок во евроинтеграциите ќе бидат променети или дека ќе се пронајде алтернативен пат за продолжување на процесот освен промена на Уставот.

„Долго време ако не со години во македонската политика се разговара дека ќе се сменат условите, постепената интеграција како идејата на Мерц, дека ќе се најде некој заобиколен пат итн. Да имаше во изјавата на Кошта реченици како „креативно решение“ „да се посветиме да најдеме алтернативен пат“ или „гаранции“ итн можеби ќе верувавме дека таа алтернативна можност се уште постои но тој беше доста експлицитен дека тоа што е договорено е договорено и треба да се испорача и ние веќе го немаме луксузот да живееме во илузија дека нешто ќе се смени или ќе се протнеме низ некаква странична врата“, изјави Арсовски.

Според него Европската Унија во моментов нема политичка волја да ги менува поставените услови за нас и одговорноста повторно се враќа на домашните политички чинители, кои треба да одлучат како ќе постапат во понатамошниот тек на евроинтегративниот процес.