
Досегашниот вицепремиер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, ќе биде назначен за специјален претставник на Владата во Брисел, соопшти копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити.
Според Меџити, Фетаи поднел оставка од вицепремиерската функција за да ја преземе новата дипломатско-политичка должност. Тој посочи дека ангажманот во Брисел ќе биде негов следен професионален предизвик во рамки на владините активности.
Во изминатиот период, Фетаи речиси два месеци не присуствуваше на владините седници и немал забележителни јавни активности поврзани со ресорот за добро владеење, иако формално ја извршувал функцијата и земал плата од даночните обврзници.
Меџити истовремено информираше дека меѓу коалициските партнери постои начелна согласност за реконструкција на Владата, но дека сè уште не се отворени конкретни разговори за распределбата на ресорите и принципите според кои ќе се спроведе евентуалната реорганизација.